Улогата на Петар Чаулев во македонско-албанската соработка

Заедничка цел на македонските и албанските револуционери во текот на 19. век била ослободување на македонскиот и албанскиот народ од османската власт. Така, нивните заеднички акции ги следиме при многу значајни историски настани, како културни така и политички. При ова мислиме на бројните заеднички здруженија, лиги, друштва. Работејќи на документација и литература за македонско-албанската соработка во текот на 19. и 20. век, многупати наидовме на Петар Чаулев како активист и соборец со албанските патриоти, поради што дополнително се заинтересиравме за неговата револуционерна и политичка дејност.

Првата информација која беше од исклучителен интерес за нас беше онаа која ја сретнавме кај Милан Матов дека таткото на Петар, Јаким бил од околината на Подградец, христијанин чист Албанец од Тоските, кои другите Албанци ги нарекувале малибеговци (бегови без опинци), што претставувало фигуративен назив за нивното богатство. Нашата ангажираност за изнаоѓање на автентична документација за да се потврди ваквата информација, до сега тоа не нѝ успеа.

Сепак, бројни се показателите дека Петар Чаулев го говорел албанскиот јазик, дека живеел и работел во албанските градови Елбасан, Тирана, Драч, дека активно соработувал со албанските патриоти. Во таа смисла Чаулев го среќаваме во заедничката еуфорија со Албанците во периодот на Младотурската револуција од 1908 година во Охридско-дебарското септемвриско востание од 1913 гододина потоа во бројните преговори на ВМРО со Албанскиот комитет во време на Балканските и Првата светска војна итн. итн. Бегајќи од српските власти на кои им создавал многу напријатности, Чаулев го нашол неговото засолниште на територијата на албанската држава.

Advertisement