Вселенската патријаршија прогласи Автокефалност на Украинската Православна Црква

Вселенската патријаршија одлучи да и додели Автокефалност на Украинската Православна Црква. Сите владици на Вселенската патријаршија, на синодската седница одржана од 9 до 11 октомври донеле четири одлуки кои значат прогласување на автокефалност. Во првата точка од одлуката стои дека Вселенската патријаршија ќе продолжи да ја спроведува веќе донесената одлука за автокефалност на Црквата во Украина, а во следните три точки практично ја потврдува таквата одлука со конкретни чекори.

Вселенската патријаршија донела одлука да го возобнови ставропигијалниот манастир во Киев, како свое седиште, а исто време и го поништила писмото и одлуките од 1686 година, со кои практично Руската црква ја стекна црковната власт врз Украина. Она што е можеби најинтересно е што Вселенската патријаршија ја трга шизмата и поништува одлуките против Киевскиот Патријарх Филарет и сите владици и свештеници на Украинската Патријаршија, со образложение дека тие не биле донесени по канонски ред и ги враќа како клирици на Украинската црква. Во соопштението на Вселенската патријаршија има и апел да прекинат процесите на узурпирање и  уништување на православните храмови во Украина.