Заедницата на Македонците во Хрватска го одбележаа “Денот на Коста Солев Рацин“ во Самобор

Заедницата на Македонците во Хрватска и Македонското културно друштво “Охридски бисер“ и годинава, иако скромно поради пандемијата со корона вирусот, го одбележаа “Денот на Коста Солев Рацин“ во Самобор.

Делегации на Заедницата на Македонците во Хрватска и Македонското културно друштво “Охридски бисер“ положија свежо цвеќе на бистата на македонскиот поет Коста Солев Рацин во паркот кај Самоборскиот Музеј и потсетија дека пред 81 година основачот на современата македонска книжевност во Самобор ја отпечати збирката песни “Бели мугри“.

Збирката “Бели мугри“ од Коста Солев Рацин е едно од најзначајните поетски дела на современата македонска книжевност, а отпечатана е илегално во далечната 1939 година во самоборската печатница Шпулер. Оригинали од поетската збирка “Бели мугри“ и денес се чуваат во Самоборнсиот Музеј.

Тоа е нераскинливата врска меѓу Хрватска и Македонија, првенствено меѓу Самобор и Велес, градот на Вардар во кој е роден Коста Солев Рацин. Самобор и Велес се збратимени градови.

Koста Апостолов Солев Рацин роден е на 22 декември 1908 година во Велес, убиен е на 13 јуни 1943 година во Лопушник. Вечна му слава и памјат.