17 милијарди долари ќе ги поврзе Македонија, Грција и Србија

Грандиозен проект вреден 17 милијарди долари ќе реализираат заеднички Грција, Србија и Македонија, во рамките на кој се предвидува Солун да стане клучен центар за превози до Централна Европа, привлекувајќи го интересот и на Кина, објавува електронското издание на грчкиот весник „Прото тема“, цитиран од агенциите.

Амбицијата на грчкиот премиер Алексис Ципрас е да го поврзе своето име со овој голем проект, кој се очекува да го промени геостратешкото значење на Солун. Станува збор за поврзување на вода на вториот по големина грчки град со Белград и Централна Европа со помош на реките Вардар и Морава.

Балканскиот канал ќе биде со вкупна должина од 650 километри и ќе минува низ Грција, Македонија и Србија и ќе дојде до р. Дунав. Ова ќе биде речен пат со паневропски размери. Со него во Дунав ќе се доаѓа до земји од Централна Европа и не само таму, пишува уште изданието. Проектот е приоритетен за владите на Србија, Грција, Македонија, а исто така и на Кина, која е заинтересирана за пронаоѓање на алтернативни патишта по кои стоките најбрзо и при најниска цена ќе стигнуваат до Европа.

За него било разговарано и на неодамнешната средба на Ципрас во Солун со неговиот српски колега Александар Вучиќ. Тогаш Ципрас рече дека проектот е со огромно значење за Грција, Србија и цела Евнропа, бидејќи ќе ги поврзува Егејското Море со Дунав. Целта на проектот е исто така и да ги поврзува Медитеранот со Централна Европа преку различни водни патишта, па превозите најбрзо да бидат извршени од пазарите во Кина до стариот континент.

Приврзаниците на каналот Вардар, Морава, Дунав сметаат дека проектот ќе помогне за превезувањето на стока до пазарите на Централна и Северна Европа, а исто така и до Кавказ и Црното Море, и на тој начин значително ќе биде намалена улогата на превозот во Босфор, забележува весникот.

Се смета дека при изградбата на каналот најтешките места на реките ќе бидат заобиколени со вештачки канали, а во близина на границата меѓу Србија и Македонија се предвидува да биде изграден вештачки канал долг 30 километри, кој ќе ги поврзува реката Морава со Вардар.

Белград ја поддржува реализацијата на проектот, кој ќе и овозможи на земјата да добие трговски излез на Централна Европа и Медитеранот, бидејќи по распадот на Југославија, Србија нема излез на Јадранот. За возврат Кина ја смета Србија за важен дел од „новиот пат на свилата“, чија цел е кинески стоки да стигнуваат побрзо до пазарите на Европа.

При посетата на Белград во 2016 година, кинескиот претседател разговараат во детали за изградба на каналот, а кинеската компанија „Чајна Гезоба груп корпорејшн“ потпиша протокол за разбирање со српската влада и му врачи сеопфатен проект, пишува уште грчкото издание.

Весникот потсетува дека не за прв пат се зборува за пловен канал кој ќе ги поврзува Солун со Белград и Централна Европа, и дека оваа идеја постоела уште во средината на 19. век, по формирањето на моќната Австроунгарска империја кога Виена започнала со план за излез на Егејското Море.