Предновогодишна донација за децата во Клиниката за детски болести во Скопје, беше реализирана од страна на компаниите членови на Македонско – швајцарскиот бизнис клуб и Сојузот на стопански комори на Македонија. Јасминка Талеска, претседател на Македонско – швајцарскиот бизнис клуб истакна дека оваа акција е дел од практикувањето на општествена одговорност кај компаниите членови на Македонско -швајцарскиот бизнис клуб, како и на Сојузот на стопански комори на Македонија.
„Помагање и поддршка на заедницата, особено на најмладата популација е од исклучителна важност. Веруваме дека оваа пракса ќе продолжи и во иднина кон натамошно зацврстување на соработката и излегување пресрет на компаниите со донации од различен вид за потребите на Детската клиника. Радува тоа што се побројни се компаниите кои освен во грижа за деловните активности, водат сметка и за околината и општеството каде делуваат во целина ”, изјави Талеска и додаде дека сите компании, следејќи ги глобалните трендови секоја во рамки на своите можности покрај придонесот кон раст и развој на економијата, практикуваат општествената одговорност како начин на водење бизнис.
Наташа Алуловскадиректор на Клиниката за детски болести ја искажа благодарноста за компаниите пријатели на Клиниката, членови на Сојузот како и Амбасадата на Швајцарија во Македонија. Потенцира дека со текот на годините општествената одговорност кај компаниите се развива, и во овој период од годината реализирани се голем број донации за потребите на децата.
На настанот присуствуваше и амбасадорката на Швајцарија, Сибил Сутер Тејада која ја поддржува работата на Македонско – швајцарскиот бизнис клуб и оваа хумана акција во нивна реализација. Таа ја поздрави хуманитарната иницијатива на компаниите членoви на Бизнис клубот на Швајцарија и Македонија да направат празнична донација за децата кои се на лекување во Детската клиника и ги охрабри компаниите да ја продолжат оваа позитивна практика. Во Сојузот на стопански комори на Македонија, членуваат бројни компании кои добиле признанија и награди за практикување на општествената одговорност и кои дел од профитот кој го остваруваат го враќаат на заедницата.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden
