Премиерот Еди Рама денеска ги собра министрите од својот кабинет на состанок во Поградец, каде главна тема се досегашната работа на владата и приоритетите за втората година од четвртиот мандат на Социјалистичката партија.
Состанокот се одржува еден ден по средбата на Рама со политичките лидери на Социјалистичката партија од 12 региони и со раководителите на парламентарните комисии.
На состанокот во Поградец, министрите треба да презентираат извештаи за реализираните активности, но и да ги претстават приоритетите и плановите за следниот период.
Во меѓувреме, Рама на социјалните мрежи објави фотографија од Поградец, опишувајќи го градот како „кристален фрагмент од природата“.
На вчерашниот состанок со партиските структури, во фокусот била презентацијата на „Беса“ и „Огледало Албанија“. Според Рама, овие платформи треба да овозможат барањата, проблемите и грижите на граѓаните да бидат евидентирани и следени во реално време од страна на институциите.
„Амбицијата е секое барање, грижа или проблем на граѓанинот да биде поштенски пакет кој се следи во реално време“, изјави Рама.
Тој додаде дека државата, владата и институциите ќе ги следат своите одговорности, додека секое прекршување на утврдените рокови ќе биде под лупа.
Состанокот во Поградец е дел од активностите на албанската влада за поставување на приоритетите и насоките на работа во втората година од четвртиот мандат на Рама.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden
