Архимандрит Партениј во посета на Солунска Митрополија 

Вчера, нашиот Старец, Архимандрит Партениј беше во посета на Светата Солунска Митрополија, каде беше срдечно пречекан од Светејшиот Митрополит Солунски, г. Антим. На средбата Старецот му се заблагодари на почитуваниот владика за неговата љубов и духовна широчина, пројавени преку неговата свештено апостолска мисија да помага на млади луѓе да се стекнат со високо теолошко образование.

Имено, имајќи почит кон нашиот Старец и неговото севкупно евангелско дело, Митрополитот Антим, со посредство на космополитскиот светогорски Манастир Симонопетра, возглавен од Старецот Архимандрит Елисеј, го даде својот архипастирски благослов за десетина наши студенти, на митрополитски трошок, да учат теологија на престижниот солунски Аристотелов универзитет и да учат источно-црковно пеење од најпознатите псалти и учители.

Со ова великодушно дело, солунскиот владика придонесе да се надмине тешката изолација на нашата Црква и да се воспостават многу пријателски контакти. Ваквата соработка во името Христово трае скоро десетина години, така што ние веќе имаме неколкумина дипломирани теолози, магистри и псалти, а во тек е школувањето на уште неколку наши студенти. Митрополитот Антим уште еднаш ја потврди својата подготвеност и широкосрдечност и за понатамошно сотрудништво, во слава Божја и за доброто на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква.

На средбата, игуменот Партениј и владиката Антим разговараа и за неопходноста од соединувањето на сите православни браќа, без разлика на тоа во која држава живеат и на која националност припаѓаат, бидејќи сите нас нѐ обединуваат единствените Тело и Крв Христови.

Нашето братство со Старецот, Архимандрит Партениј, му ја искажува својата огромна благодарност на Митрополитот Антим за сета негова пастирска љубов и грижа кон нашите студенти и монаси и му посакува крепко здравје, духовни сили и постојана радост во Христа Спасителот!