Балканот како поле на конкуренција меѓу Големите сили

 

Во текот на историјата Балканот беше сцена на управувањето на низа различни управители и империи. Конкуренцијата меѓу припадниците на различни етнички и верски заедници на Балканот, беше значаен фактор во олеснувањето на процесот на влегувањето на Балканот под управата на надворешните сили. Почнувајќи од 200-та година п.н.е., на Балканот преовладуваше хегемонијата и влијанието на Римската империја и Римјаните, додека со распаѓањето на Римската империја во 395-та година, значаен дел од Балканот потпадна под хегемонијата на Византиската империја. По освојувањето на Истанбул во 1453 година од страна на Османлиите, заврши периодот на Византиската империја на историската сцена и на Балканот почна периодот на владеење и хегемонија на Османлиската држава кое траеше се до 1912 година. Балканот и балканските народи, освен со Османлиската империја се запозна и со Хабсбуршката монархија која од 1867 година се подели и почна да се спомнува како Австро-унгарска империја која траеше се до Првата светска војна.

Балканот во историјата е поле на конкуренција на Големите сили. Како резултат на поволната местоположба која се отвора кон сите правци, регионот отсекогаш го привлекуваше вниманието на Големите сили. На пример, Русија уште од 16 век се стреми да се симне во Средоземното море и да ја преземе контролата над турските морски премини и теснеци, а во тие рамки да го прошири своето влијание и на Балканот. Поради тоа, со изнесување на ставот за словенското и православно братство, Русија влезе во конкуренција со Османлиската држава. Конкуренцијата на Русија со Османлиската држава во 17 и 18 век во однос на Балканот се повеќе почна да се разгорува. Како последица на засиленото влијание на Русија на Балканот, особено во 19-от век, главниот дотогашен конкурент на Османлиите на Балканот, Хабсбуршката монархија повремено соработуваше со Османлиите.

Со вмешувањето на Англија и Франција, конкуренцијата и ривалството меѓу Хабсбуршката Монархија и Русија околу Балканот се стекна со поинакви димензии. На пример, Англија како резултат на трговските интереси во 18 век ја подржа Русија. Со текот на времето, како што почна да се намалува значењето на трговските односи и особено по штетата која што почна да ја нанесува Русија на англиските трговски односи, Англија од 19 век зазеде став на страната на Османлиите. Франција која земја исто така почна да го чувствува преголемото неповолно влијание на Русија на Балканот, се насочи кон Англија и Османлиската држава.

Со подемот на германската и италијанската држава во 19 век, во Европа се формираше нова рамнотежа. Додека на едната страна на тогашниот блок се наоѓаа Австро-унгарската империја, Германија и Италија, на спротивниот блок се најдоа Англија, Франција и Русија. Русија, искористувајќи ги слабостите на тогашните Големи држави, освен поттикнувањето и поддржувањето на бунтовите на Балканот против Османлиите, во 1877 година објави директна војна на Османлиската држава.  Големата Османлиско-руска војна во периодот од 1877-78 година го интензивираше процесот на окончувањето на хегемонијата на Османлиската држава на Балканот. Русија со постигнувањето на Санстефанскиот договор на 3 март 1878 година го расцепка Балканот и пристигна до Истанбул. Со Санстефанскиот договор се предвидуваше формирање на Голема Бугарија. Но Англија и Австро-Унгарија кои се спротивставја на ширењето на влијанието на Русија на Балканот по овој пат, на Берлинскиот конгрес во 1878 година го спречија формирањето на Голема Бугарија.

Конкуренцијата на Големите сили на Балканот продолжи и во периодот по Османлиите. На пример, Германија која се плашеше дека преку Балканот може да се отвори нов фронт, пред да го нападне Советскиот сојуз, во 1941 година ги окупираше Унгарија, Романија, Бугарија, поранешната Југославија и Грција.

Со започнувањето на периодот на Студената војна, Америка која активно влезе на меѓународната сцена и од тогаш наваму важи за хегемонистичка сила, своето влијание почна да го шири и на Балканот.

Балканските земји во периодот на Студената војна се најдоа на различни страни. Романија и Бугарија беа приклучени кон Варшавскиот пакт, додека Турција и Грција станаа земји членки на НАТО. Титова Југославија се најде меѓу конститутивните земји на Движењето на неврзаните, додека Албанија од 1961 година стана најзатворена европска земја.

Како и во сите делови на светот, така и во периодот на Студената војна, Големите сили меѓусебно и активно ги следеа своите движења. Токму во периодот кога една од страните ќе почнеше да го губи влијанието на овие простори, тогаш другата сила го зајакнуваше своето влијание и притисокот.

Особено Титова Југославија беше еден вид тампон зона за Западниот блок. Имено Титова Југославија која во 1948 година јавно и се спротивстави на руската експанзионистичка политика, во суштина индиректно служеше на Западните земји. Затоа, Америка и Западните сили кои спроведуваа трговско ембарго врз земјите на Источниот Блок, на Титова Југославија и пружаа материјална помош.

Титова Југославија која се скара со Советскиот сојуз, имаше потреба и од надворешна политичка поддршка, а не само економска. Америка искористувајќи ја оваа прилика, во рамките на политиката за заокружување на обрачот околу Русија, покрена иницијатива за формирање пакт на Балканот. На 28 февруари 1953 во Анкара беше формиран Балкански пакт меѓу Турција, Грција и Титова Југославија. Но по смртта на Сталин во март 1953 година, во надворешната политика на Советскиот сојуз дојде до омекнување поради што тогашната Титова Југославија повторно стапи во контакт со Советскиот сојуз и да ги подобрува односите. Почнувајќи од втората половина на 1950-те години, особено по повторното пореметување на односите меѓу Грција и Турција околу Кипар, целосно се распадна и Балканскиот пакт кој беше формиран на иницијатива на Америка. Со распаѓањето на Советскиот сојуз, Америка веќе немаше потреба од Титова Југославија која играше улога на тампон зона, така што Балканот го изгуби своето дотогашно релативно значење во меѓународната систем.

Advertisement