Без победник, Македонија – Србија 2:2

 

Македонија го освои првиот бод на Европските првенства во фудбал, а младите репрезентативци во возбудлив меч одиграа 2:2 со Србија, во второто коло од Б групата. Првото полувреме во Бидгошч го одигравме скромно, без многу жар и препознатливата офанзивна игра, а не казни Гачиновиќ во 24. минута. Во првите 45 минути имавме само еден удар кон голот на соседите, кои заслужено заминаа со предност на одморот меѓу двете полувремиња.

Во второто полувреме во игра влегоа Елиф Елмас и Никола Ѓорѓев и тие беа главните актери во пресвртот, по кој Македонија поведе со 2:1. Елмас изнуди пенал во 63. минута, по одличната акција на нашите репрезентативци, а Енис Барди беше прецизен од 11. метри и е првиот наш фудбалер со гол на ЕП. Македонија се разигра, постојано напаѓаше, а доминацијата ја круниса Ѓорѓев во 83. минута со прекрасен гол. Од 20-на метри тој упати силен удар кон голот на Милинковиќ Савиќ и погоди за огромна радост кај македонските навивачи на трибините на стадионот во Бидгошч.

Но, на крајот сепак балканското дерби заврши без победник, откако во 90. минута Урош Ѓурѓевиќ погоди со глава по центаршутот на Андрија Живковиќ. Ова е прв бод за нас, го пробивме мразот на ЕП и со голови, а за сефте победа ќе имаме нова шанса на 23. јуни против Португалија во Гдиња, во последниот меч од Б групата.