Борче Панов: Сите ќе бидеме виновници за сопствената судба, ако не се „описмениме“  

 

Со Борче Панов се познаваме повеќе од четвртина век и, со замаглени сеќавања, мислам дека бев сведок на доделувањето на неговата прва награда на „Млада Струга“ во 1991 година на Струшките вечери на поезијата. Колку брзо минува времето… првото интервју со него го правам пред појавата на неговата десетта поетска збирка „Уханија“ во 2017 година.

Поетот Борче Панов е роден во Радовиш. Дипломирал на Филолошкиот факултет, во групата книжевност и македонски јазик во Скопје. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1998 година. Сега е член на претседателството на ДПМ и на Собранискиот одбор на ДПМ, како и претседател на меѓународната книжевна манифестација „Караманови средби“.

Досега ги има објавено следните поетски книги „Што виде Чарли Ч од наопаку“, во 1991 година, во издание на едицијата „Алфа“ избрана за најдобра книга на анонимниот конкурс распишан од Книжевната младина на Македонија. Истата 1991 година, оваа книга беше наградена како најдобра дебитантска книга, објавена помеѓу две Струшки вечери на поезијата.

Понатаму следуваат поетските книги „Циклонско око“, во ИП „Феникс“ од Скопје (1995), „Стоп Чарли“, издание на Центар за култура – Радовиш во едицијата „Караманов“ (2002), „Такт“, во ИП „Дијалог“ Скопје (2006), „Гатанка од стакло“ во ИП „Ѓурѓа“ Скопје (2008), „Базилика на ракописот“ во ИП „Дијалог“ Скопје (2010), „Заумна вечера“ во ИП „Дијалог“ Скопје (2012), „Вдах“ во ИП „Матица Македонска“ (2014) и поетска книга „Човечки тишини“ како издание на ИП „Силсонс“ Скопје (2016). За неколку месеци од печат ќе излезе и неговата најнова поетска книга „Уханија“, како издание на ИП „Панили“ од Скопје.

При крајот на 2016 година од печат излезе двојазичниот избор од неговата поезија на македонски и бугарски јазик, со наслов „Честички хематит“.

Како драмски писател, Борче Панов има напишано и, како режисер-аматер, поставено на сцена седум драмски текстови: „Петто календарско време“ во 2000 година, „Градот двојник“ (2001), „На сред сокак слепа улица“ (2002), „Хомо сапуненс“ (2004), „Фатете го месечарот“ (2005), „Поделен од сопствениот нос“ (2006) и „Летно кино“ во 2007 година.

Оваа година правите личен поетски јубилеј со објава на десеттата стихозбирка, со наслов „Уханија“. Секако, таа бројка не ги содржи и вашите избори од поезијата, преводи, објави во странски и домашни книжевни списанија, драми.. што ќе содржи „Уханија“, имајќи предвид дека нејзината промоција ќе се случи годинава?

„Уханија“ најпрвин пее за Божјата милост со која Сесоздателот сѐ уште стои пред вистинското лице на светлината – црното, како што одамна во едно свое интервју има речено Никола Тесла. Овој дар е основа и на сѐ што е важно во нашите животи. Токму поради ова во „Уханија“ низ секој мотив во книгата е интониран во тој дух. Тоа е првата матрица врз која се темели палимпсестната поетика на „Уханија“.

Втората матрица во „Уханија“ се темите што укажуваат дека човекот од прапочетокот до сега се стреми кон совршенството, кое, за жал, често го претвора во оружје, бидејќи во основата и на денешните борбени авиони е Икаровиот лет и копнежот кон летањето. Дедал, кој воедно е и прв архитект на лавиринтот, со трагичниот лет на својот син и самиот сакал да се спаси од сопствениот лавиринт. Човекот со илјадници години создава совршенства, но не се знаеме дали имаме уште илјадници години за да го научиме совршенството на опстанокот, бидејќи само тоа може да се нарече совршенство. Како што може да се почувствува, целиот свет денес повторно е навлезен низ некои нови премрежија и ризици. Истото се случува и со нашата татковина. Конечно треба да го научиме и примениме совршенството на опстанокот.

Третата матрица низ која се остварува „Уханија“ е идејата дека ништо во нас не е случајно, дека и нашите животи и нашата цивилизација се само видлив дел од длабоките искуства, копнежи, жртви и саможртви, конечно, и ние самите сме плод на една проста родителска љубов, а нашите срца се како телеграф на кој се отчукувааат сите тие пораки. Тие до нас допираат како мирис на свеж леб во кој Господ го испекол денот уште пред да изгрее сонцето. Со еден збор, „Уханија“ е една замисленост кон сѐ што ни се случува. Во тој смисол еден есенски ден гледав јато диви гуски поставени во делта позиција. Тогаш си помислив дека на врвот од таа формација лета најискусната и најмудрата птица, бидејќи, ако не е така, целото јато би настрадало. Со „Уханија“ посакувам и ние да ја примениме таа навигација на еволуцијата за да справиме со сите предизвици.

Последната матрица на „Уханија“ е опомената пред Апокалипсата. Во „Уханија“, Бог е темен на крајот од небото како ѕвездена амеба што ни го собира умот милиони години од почетокот на сонувањата. Човештвото е свесно за сите процеси кои секојдневно ги допират и нашите животи, но дека и покрај сознанијата дека рептилот на апокалипсата сѐ побрзо се извлекува од кошулата на нашите последни молитви, сѐ уште ништо не правиме за да се спасиме. Токму поради ова во „Уханија“ е замесена погачата на светлината врз која со поетскиот збор е втиснат Божјиот печат на нашето постоење.

Како од својот агол гледате на вашиот поетски развој, од „Што виде Чарли Ч од наопаку“, за која во 1991 година добивте награда за дебитантска книга до најновата објава? Дали и колку се промени начинот на восприемање на поезијата во текот на изминатите 26 години?

„Што виде Чарли Ч од наопаку“ и денес ме инспирира, особено со истоимениот циклус. Во далечната 1991 година, кога светот во којшто живеевме драстично се менуваше, а на Балканот се жареа војните, јас ја напишав и објавив таа книга во која лајт мотив и лик беше ликот на еден од најголемите гении на филмот Чарли Чаплин, човекот кој во филмот „Големиот диктатор“ на самиот почеток на најкрвавата војна на планетата во 1940 година визионерски го одржа најпотресниот говор за мирот и тоа во улога на „фирер“. Говор, којшто и денес и итекако актуелен.

Значи воведов лик во поетскиот израз, кој после беше присутен и во некои сегменти од следните мои книги „Циклонско око“ (1995) и „Стоп Чарли“ (2002). Со еден збор уште од тогаш мојот поетски збор отсекогаш се стрмел истовремено да биде и визија на вистинската иднина, но и вертикален крик на нашите животи, како што големиот романски поет Никита Станеску има речено за поезијата. И во моите понови книги, исто така, има многу ликови, но сега тоа се ликови од животот, од мојата поширока фамилија, ликови на моите сеќавања за тоа во каков свет сме растеле и што е тоа што нѐ одржало да човекуваме.

Во таа смисла јас често го кажувам примерот со мојата старамајка Каменита, која беше извор на народното усно творештво, па дури беше и народен лекар и бабица. Еден ден таа го извади домашниот леб од камената фурна, а кога омекна, го прекрши и ни рече: „Лебот е мек, бидејќи е како сунгер во кој се исповрзани меурчињата на квасецот. Еден ден животот ќе ве стврдне, држете се поврзани како меручињата во лебот за да си ја довардите мекоста на душата“. Збирката „Уханија“ е нешто што ја довардува мекоста на нашите души.

Како поет што пишува поезија во Радовиш, завршува Филолошки факултет во Скопје, но се враќа во својот роден град, успевате да направите завидна книжевна кариера. Во овој период сте и член на претседателството на ДПМ. На што се должи таквиот резултат – на посветеност, доследност, континуитет?

Членувањето во раководните структури на ДПМ е само чест, тоа никако не е кариера. Според мене она што нѐ прави уметници се нашите дела и само тие се нашиот дар на дарувањето, бидејќи, и според Светото писмо, најголемиот дар е дарот на дарувањето. Поетот е некој што подарува душа, некој поради кој читателите повеќе сакаат да живеат помеѓу неговите стихови и песни, отколку во една наметната стварност, која во голема мера нѐ соочува со неизвесности и ризици од конфликти.

Со еден збор таквата чест, во која во прв план, е творештвото, резултира и со почит од другите колеги – членови на ДПМ, но како што рековте и самиот, сето тоа е, пред сѐ, резултат на една континуирана посветеност, бидејќи за уметноста мора да се гори. Само така таа ќе ги даде вечните пламења што се преплетуваат со читателите, бидејќи коренот ни е ист – нашиот јазик, а небото над тие огнени крошни е универзумот на нашите препознавања со светот.

Во родниот Радовиш успевате да ја одржите традицијата на книжевната манифестација „Караманови средби“, посветена на поетот-револуционер Ацо Караманов. Успеваме ли како општество достојно да ја одржиме книжевната традиција? Како гледате на смената на генерациите?

Денес е исклучително тешко да се одржи книжевната традиција, бидејќи таа не зависи само од љубовта кон нашите исклучителни писатели и поети. Хегел рекол дека „високата култура е како пирамида, која може да стои само на широката основа на една здрава и силна просечност“. Вистинското прашање е колку ние како општество и култура ја имаме изградено таа широка основа на здравата и силна просечност за од неа да се издигне врвот на пирамидата на нашите вредности?

Во таа смисла навистина е тажно, кога по седум децении постоење на македонскиот стандарден книжевен јазик на кој се создадоа голем број на книжевни и научни дела, што топло беше поздравено од целот умен свет и надвор од Република Македонија, ние денес одвнатре се соочуваме со еден апсурд на омаловажување на одредени великани на македонскиот поетски збор. Во таа смисла и чествувањето на првиот модерен македонски поет Ацо Караманов, во еден дел изразена и преку меѓународната книжевна манифестација „Караманови средби“, се одржува со навистина скромни финансиски средства, делумно обезбедени преку Министерството за култура на Република Макеоднија, а делумно обезбедени со поддршка на општината Радовиш и еден мал дел со поддршка на рудникот за бакар „Бучим“, кој го покрива печатењето на најдобрите поетски ракописи во едицијата „Караманов“, која постои веќе 20 години.

Сепак, морам да нагласам дека сето тоа, во книжевна смисла, е далеку од потребното, бидејќи Ацо Караманов како редок книжевен феномен не само во македонската, туку и во светската книжевност, заслужува многу повеќе. За него треба да слушне светот, неговото творештво мора да се препее на сите позначајни светски јазици, бидејќи тоа што биле примерите со англискиот поет Томас Чатертон во 18 век и францускиот симболист Артур Рембо во 19 век, тоа е Ацо Караманов за 20 век во европската книжевност, како примери на млади поетски гении, коишто своето творештво го создавале во нивните кратки животи (Ацо Караманов и Томас Чатертон живееле и создавале само до нивната 18 година). Токму поради тоа апсурдно е светот да не знае за Ацо Караманов.

При ова не сакам да ја заборавам и исклучителната работа што за Караманов ја направија Радивоје Пешиќ, кој прв, по 20 години од смртта на Караманов, објави еден негов избор и особено работата на академик Милан Ѓурчинов, кој го објави капиталното дело „Големата песна на Ацо Караманов“ (МАНУ, 2006) во кое е застепено скоро сѐ што до сега се открило од оставштината на Ацо Караманов, собирана парченце по парченце, ракописи останати од Караманов во неговото семејство и во приватните архиви на неговоте детски и младешки пријатели.

Колку во поетска смисла се одржува традицијата? Во последниве години повеќе се пишуваат песни за постирање на Фејсбук, отколку за објава во книга..!

Времето, па со тоа и комуникациските технологии и алатки се менуваат. Проблемот не е во фејсбукот којшто, ако внимателно погледнете, не е повеќе само лично презентирање на свои трудови, туку е и основа за формирање на разни книжевни групи, па и европски фестивали на поезија и издавачки куќи кои објавуваат и поетски книги од еве, да кажам со истиот речник фејсбук -писателите. За волја на вистината, за мене сето ова ни од далеку не е книжевна атмосфера, ниту пак овде можете да најдете вредности.

Но, не е во тоа проблемот. Проблемот е во тоа што во Македонија веќе долго време немаме, како што јас ја нарекувам, „Реална книжевна критика“. Било кого од етаблираните македонски писатели да прашате ќе ви го потврдат истото, а сепак сите заедно, наместо критики во кои јасно ќе се оддели квалитетот од неквалитетот и ќе се фрли светлина кон новите тенденции во македонската книжевност, пишувааат само есеи и пофалби, па така испаѓа дека во Македонија врие од „гении“.

Тоа е уште еден парадокс на губењето на вистинските ориентири и за младите писателски генерации кон она што значи вистински вредно книжевно творештво кое ќе ги води кон некои нови патишта, но не постои пат – постои само мисла по патот, како што вели големиот турски поет Дагларџа, а на овој начин, ми се чини дека оваа мисла по патот некаде е прекината, а континиумот изгубен.

Македонските писатели, независно од статусот на нивното дејствување се делат на „ваши“ и „наши“, на „млади гении“ и „зачмени книжевни кругови“ (користам дел од тој веќе слушнат вокабулар). Да биде уште поапсурдно, веќе подолго време македонските книжевни награди се претворија во книжевен лов (со однапред означени маркери и нишани), на некаква си трофејна слава, која веднаш по закитувањето брзо се заборава (со секоја чест на добрите исклучоци).

За да не бидам лошо разбран, сакам да нагласам дека во македонското книжевно творештво се создаваат вредни книжевни дела, но тие годишно можат да се избројат на прсти, што и не е лош резултат, но далеку е од тоа дека сме расадник од гении. Што се однесува до моето книжевно творештво, отворено сакам да речам дека после 25 години од моето книжевно творештво јас останав најненаградуваниот поет во современата македонска книжевност. Мене тоа денес ми е смешно, бидејќи најголемите признанија сум ги добивал од моите читатели, како и од некои исклучителни книжевни имиња и критичари кои јасно имаат укажано дека при тоа не се прави неправда само на личноста, туку и на континиумот на македонската книжевна традиција.

При ова, како своевидни признанија за вредноста на моето творештво сакам да ги напомнам и објавите на изборите од мојата поезија надвор од земјата, како во Р. Бугарија (Честички хематит), препевот на мојата книга „Вдах“ во Република Словенија, која ја препеа веќе познатата преведувачка од македонски на словенечки јазик – Соња Цекова Стојаноска од Љубљана, како и еден избор од мојата поезија на српски јазик во „Балкански книжевен гласник“ и препевот на мојата последна објавена поетска книга „Човечки тишини“, која ја препејува познатиот српски поет и преведувач Душко Новаковиќ. Кон ова се приклучува и застапеноста на мојата поезија во повеќе европски антологии, а една и во далечната Манила во Филипините.

Во личното творештво не дозволувате осцилации.. стиховите што ги пишувате се добро осмислени, самоуверени и со логична порака. Тематиките се различни, но каде ја црпите инспирацијата и волјата за пишување поезија?

Ниеден човек на оваа планета не доаѓа сам. Да, се раѓа како единка, но во себе носи недоброј предци. Низ животот, кон нив тој ги додава и сите туѓи искуства, во случајот со поетите, творештвата на поетите со кои растел и се препознавал без разлика на меридијаните и времињата на кои им припаѓаат.

За себе можам да речам дека зрнцето „песок“ околу кое почна да се создава бисерот на моето творештво се случи во моето детство. Јас имав многу живописно детство. Растев во голема радовишка фамилија во која се случуваа колку обични, толку и неверојатни нешта. Сите ликови на тие случувања, денес се теми и ликови во мојата поезија, а сите сеќавања се дел од една актуелизација на универзалните пораки кои отсјајуваат од мојата поезија. Со еден збор, мојата инспирација доаѓа дирекно од животот.

За да го доближам тоа на вашите читатели ќе го илустрирам кажаното преку еден мотив од една моја песна со наслов „Срцулки“. Во дворот на нашата стара куќа имаше бостан. На средината беше поставено бостанското плашило облечено во облеката на покојниот мој прадедо Тодор. Кога бостанот созреваше, дедо ми Љупчо пред изгрејсонце – од свежината на летното утро ќе ја откинеше најголемата и најзрелата лубеница, а потоа ја делеше – половина за децата, половина за возрасните. Баба ми потоа ги собираше семките и нѐ благословуваше со имињата што им го даваше на семките: црнилки како ирис, ѕвездочелки, оти си ги лепевме над веѓите – за да гледаме и ноќе, ѕрнѕурки – да не бидеме сиромашни, злапки – за млечните заби да ни ги заменат здрави заби, зјајки – да бидеме ко цвет отворен за сонцето, ил жолто клунче од јавриите на ластовичките, ѕуници – за да бидеме црвени во образите како шумски јаготки, чакарески – за да не се родиме со шарени очи и срцулки – за да имаме срца со кои сите ќе не сакаат како семките начичкани околу срцето на лубеницата, а дедо ми потоа ги ставаше во џебовите на плашилото за да се исушат, а кога ќе се исушеа, пак ги собираше за од нив да из’ртиме нови коренчиња и при тоа ни велеше: „Еден ден и мене ќе ме подигнете над бостанот со сите семки со кои ќе се раѓате и живеете…“

Ете, тоа е само еден мал детаљ од тоа со што сакав да го потврдам вашето видување за особеностите на мојот стих. За мене инспирацијата, волјата, мотивите… се само едни од многуте имиња на љубовта, кои се овоплотуваат во мојот поетски збор.

Еден ваш стих открива дека „секој збор е преграда на еден лавиринт“.. во актуелната општествена, политичка и социјална рашомонијада, колкава е моќта на зборот, особено на поетскиот збор?

Во длабокото претхристијанско време на паганството се верувало дека зборот има магиска димензија. Потоа, неслучајно и во Стариот завет се вели дека во почетокот беше зборот. Јас и денес верувам во магиската сила на поетскиот збор. Поетот е должен да зборува со јазикот на вистината: За мене не е поет тој кој заборавил дека поезијата е комуникација. Не верувам во херметичката поезија, заумното е нешто друго, но во секој случај поезијата мора во себе да има порака, животна вистина.

Цитираниот стих е од една моја песна со наслов „Белото глувче на вистината“ од мојата книга „Вдах“. Да, таа има врска со актуелната општествена, политичка и социјална рашомонијада… хехех… Бев неколку години само, мајка ми постојано ме влечкаше со неа кога одеше на пазар. Првото нешто што ќе го направеше беше да купи ливчиња со напишани судбини од стариот гатар, кој во рацете држеше дрвено кофчеже со две прегради и капак на лизгање одозгора. Во едната преграда беа ливчињата со судбини, а во другата белото глувче на среќата, кое најпрвин ни ја душкаше дланката, а потоа со забите го загризуваше нашето фамозно судбинско ливче.

Бидејќи сѐ уште не бев писмен, мајка ми беше таа што ми ја читаше судбината, но честопати, од неразбирливи причини за мене ништо не ми кажуваше. Токму тоа ме натера рано да научам да читам и пишувам за да можам сам да си ја прочитам судбината и кога ни за читање, ни за кажување е.

Овој мотив, сам по себе, во актуелизацијата на оваа реална приказна ја дава пораката дека секој збор е преграда од лавиринт, во случајот лавиринтот што го живееме, а од кој можеме да излеземе само ако „напишаното“ во ливчето на судбината можеме гласно да го кажеме, некому од кого ќе го скриеме „белото глувче на вистината“, бидејќи поетот ја има таа магиска сила вистината да ја кажува без никого при тоа да повреди. Вистината нема повеќе да биде рашомонска, ако, пред сѐ, сме искрени со самите себе.

Поезијата е вистинска ако ја има силата на искреноста и ако сите станеме „писмени“ за сопствените судбини! Со еден збор, моќта на поетскиот збор е ако во тоа мноштво од „вистини“ проговори со една вистина што ќе ги обедини сите вистини во една вистина дека на крајот сите ќе бидеме виновници за сопствената судба, ако не се „описмениме“.

Секое време и секоја генерација носи своја тежина. Според вас, која е тежината на живеењето и на творењето на сегашните генерации поети и книжевници?

Колку се потешки условите за живот и колку се покомплицирани општествените случувања, толку повеќе писателот треба да биде посилен и погласен. Тежината што ја носат сегашните генерации писатели, според мене е предизвикот на храброста да бидат тоа што сѐ. Мислам дека денешниот писател многу повеќе треба да се сврти кон темите од вистинскиот живот, а не да се губи низ лавиринтите на некаква бледа метафизика и херметизам кои до никого не допираат.

Токму поради ова вистинските поети и книжевници денес, покрај тежините на секојдневието, нерешениот статус, ниските авторски хонорари (ако воопшто ги има) и немањето клима на реална критика и вистинско вреднување, како што напоменав погоре во моите одговори, се соочуваат и со уште еден проблем – треба да си го вратат читателот.

Нашиот читател, денес, наместо да прочита некоја добра книга, своето слободно повеќе го губи пред политичките дебати на ТВ-екраните што се претворија во една мачна драматургија на безизлезот, или, пак, наместо читател станал фејсбук-поет, кој после десет коментари под неговите стихови мисли дека е Жак Превер… (да се насмееме малку…) Како и да е, пишувањето книжевни дела никогаш не било благодарна работа, но отсекогаш било и ќе остане благородна еманација на човековиот дух.

Тони Димков

Фотографиите се од архивата на Борче Панов