Екслузивно интервју за Весникот „Илинден”: Славе Груевски потпреседател на Партијата на Македонците во Србија

 

Славе Груевски, роден во славното село Смилево, Република Македонија. Гимназија завршува во Битола, Воена академија во Белград. Во текот на својата работа и кариера како воено лице живеел во скоро сите бивши ЈУ Републики. Еден од основачите на Македонското културно друштво „Илинден“ Ријека во далечната 1991 година. Денес претседател на здружението на македонците за Моравички округ “Даме Груев”- Србија. На изборите во 2014 година за членови на Националниот совет, носител на листата број 1 „За Македонците пред се“, која доби 8 мандати од 23 члена колку брои Националниот совет и од тогаш член на Националниот совет. Еден од иницијаторите и основачите, сега потпретседател на „Партија на Македонците во Србија“. Македонски активист. Живее во Горњи Милановац.

Весник „Илинден“: На почетокот на ова интервју, што можете да ни кажете за Македонците во Република Србија денес?

За потполна слика и разбирање на положбата на Македонците во Србија денес, треба да се разјаснат две работи. Како прво односот на државата Србија кон сите малцинства, а со тоа и кон нашето малцинство. И како друго, колку ние како Македонци, преку советот и партиите работиме и придонесуваме за Македонците во Србија. Република Србија преку Националните совети, кои се државни тела, основани заради остварување на правото на самоуправување во културата, образованието, известувањето и службената употреба на јазикот и писмото на малцинставата, издвојува значајни финансиски средства. За нашиот совет тие средства за оваа 2017 година се во износ од  околу 83.000 евра, само за советот, плус околу 47.000 евра за Новинско издавачката установа „Македонски информативен и издавачки центар“. Да не заборавиме, тука се и средствата кои советот и здруженијата ги добиваат по поднесените проекти од Министерството за култура на Србија, соодветните секретаријати од АП Војводина, како и средства кои здруженијата, преку проекти ги добиваат од локалните самоуправи. Да не ги заборавиме и средствата добиени од МНР на Македонија, по проекти на здруженијата. Друга е работата, како Националниот совет ги планира и троши тие средства и кои се ефектите и придобивките за македонската заедница во Србија.

Весник „Илинден“: Тоа не се малку пари. Како се расподелуваат тие средства, кои се проблемите околу тоа?

Да, не се малку пари, но проблемите се големи. Член сум на националниот совет од 26.10.2014 година. Ако ви кажам дека од вкупните средства со кои располага советот, 46% се трошат за плати и придонеси на плати за 5 вработени во советот, 15,5% за изнајмување и користење на канцеларии за советот и регионалните канцеларии широм Србија, околу 7,5% за телефони и интерент, 16,5% за други намени и само 14,5% за финансирање и суфинансирање на проекти за советот и здруженијата и установите основани од советот,  јасно е колку и како од тие средства одвојуваме во она за што државата првенствено ни дава средства, за културата, образованието, информирањето, службента употреба на јазикот.

Весник „Илинден“: Колку сте задоволни од работата во советот и како ја оценувате положбата на Македонците во Србија денес?

Јас и членовите на советот од листата за која јас бев носител, не сме потполно задоволни од нашиот придонес во работата на советот. Во услови на поделеност на македонската заедница во Србија, „на наши и нивни“, во услови на различни погледи и приоди за тоа кои ни се националните приоритети, каде и како треба да оди македонската заедница во Србија, со оволку добиени средства во советот, малку постигнавме. Морам да кажам дека постои криза на идентитетот на Македонците во Србија. Како да не знаеме што сакаме. А ако знаеме што сакаме, тогаш не знаеме како понатаму. За овие 2,5 години колку сум член на советот, јас и „моите“ членови, постојано имаме потешкотии со јавноста во работата на нашиот совет, со транспарентноста на одлуките во советот. Донесовме одлука на совет, седниците да се снимаат  но никако да обезбедиме, таа одлука да се реализира. Да се обезбеди седниците да се снимаат како кај другите национални совети и јавно да се прикажат на интернет, македонците во Србија да слушнат и видат кој за што и како се залага. Заради сето ова, повеќе се бавиме со небитни работи, а не со подобрување на остварување на правата на Македонците во Србија. Постои и криза во ставовите каков Национален совет сакаме и кои се мотивите на поединци за членство во советот. Како може да сме задоволни од работа во советот, кога претседателот на Извршниот одбор и директорот на Новинско издавачката установа, чиј што оснивач е советот, примаат плата за своите должности, но никако да се одрекнат и од своите пензии. Тоа го дозволуваат прописите во Србија. Каква порака испраќаме до младите невработени Македонци кои утре треба да бидат и членови во тој наш совет?

Весник „Илинден“: Колку што знам, во Србија функционирате во системот на „МАКОС“  – македонски обединети сили и имате донесено Стратегија на Македонската Национална Зедница во Србија, 2013 – 2023.  Како ова функционира во пракса, кои се досегашните искуства?

На хартија, одлично. Во пракса таа Стратегија не ни почна да живее и да се применува. Таа Стратегија е потпишана од страна на претседателите на Националниот совет, Сојузот на асоцијациите и ДПМ – Демократската партија на македонците во Србија. На 15.08.2015 година, раководството на ДПМ, донесе одлука за истапување од МАКОС. Сојузот на асоцијациите на македонците во Србија – САМС, заради познатите проблеми од почетокот на регистрацијата околу поделбите на „признати“ и „непризнати“ здруженија од страна на Сојузот а со тоа и од страна на Советот, никако да заживее како Матица, која ќе не обединува. Македонци има во сите општини во Србија освен во една, а советот брои 23 члена, и заради изборните правила никако не е можно да има членови од сите окрузи. Заради тоа беше и целта на основањето на тој сојуз. Во јануари и мај 2016 година, формирани се уште две нови партии на Македонците во Србија, што ја смени состојбата и работата на МАКОС. Но нивното постоење како да ништо не значи за раководството на советот.

Весник „Илинден“: Кога ги спомнавте партиите, кажете ни нешто повеќе за политичкото организирање на Македонците во Република Србија, за учеството во извршната власт?

Моментално има регистрирано 3 политички партии на Македонците во Србија. Од 2012 година до 2014 година, преку ДПМ, имавме пратеник во Собранието на Србија, во коалиција со владеачката партија, СНС – Српска напредна странка. За изборите во 2014 година, од готово, направивме вересија. Заради таа наша неслога, заради немање визија за нашите политички цели, немаме повеќе пратеник. Моментално во Србија, после ланските локални избори, ДПМ има 1 одборник во град Панчево, кој е во опозиција заедно со партијата Социјалистичка партија на Србија и „Партијата на македонците во Србија“ има 1 одборник во општина Горни Милановац, кој што е во власта заедно со владеачката партија во Србија, СНС – Српска напредна странка. Малку е тоа. Не се тоа дострелите од политичкото организирање на Македонците во Србија. Ние со нашата партија за ланските локални избори излеговме и самостално со своја листа во Пландиште, но не успеавме да обезбедиме ниту еден одборник, и покрај поволностите со изборниот праг како малцинска партија.  Дали новиот закон за партиите ќе донесе некои новини во тоа, дали за малцинствата ќе се смени да имаат „загарантиран“ број на пратеници, како што бара Премиерот на Хрватска за нивното малцинство во Србија, ќе видиме. Но за тоа време, раководствата на трите македонски партии треба да седнат заедно, да најдат заеднички јазик за фер и коректна соработка, заеднички настап на идните парламенатрни избори кога и да бидат и остварување на политичките цели,  за што е потребна помош од сите субјекти на македонската заедница во Србија па со совети и помош и од матицата земја. Членството во некоја партија е слободна воља и одлука на секој поединец. Но членството на членови на Советот во „други“ партии или членството на потпреседател на советот во органите на „друга партија“ а не во која било од „нашите“ три македонски партии е главно прашање, како понатаму за политичкото организирање на Македонците во Србија.

Весник „Илинден”: Кои проблеми би ги истакнале со кои се соочува македонскoто национално малцинство во Република Србија?

Има оправдани и објективни проблеми во образованието, но за некои нелогичности во таа област, сами сме виновни. Несватливо е како може Македонскиот јазик, покрај Јабука и Качарево да се изучува и во Лесковац, а тоа да неможе во Панчево, каде што е седиштето на советот, каде што има „доста“ Македонци, или во Пландиште, каде што Македонскиот јазик е во званична, службена употреба. Заради познатите ставови на раководтсвото на Националниот совет околу прифаќањето на  „признати“ и „непризнати“ здруженија според Стратегијата и сеуште неусвоениот нов статут на Сојузот, заради концепциските разлики околу ставовите дека за Белград е доволно само едно здружение на Македонците, заради неравномерното третирање на сите здруженија и распределување на средства по проекти само за „признатите“ здруженија, состојбата е така каква е и имаме здруженија кои нешто работат, и други кои постојат само на хартија. Прославата на признатите празници на Македонците во Србија, и организиацијата на централната прослава на Илинден за оваа година, беше повод за нови делби во советот и македонската заедница во Србија. Активноста односно неактивноста на одборите за култура, образование, информирање и службена употреба на јазикот во нашиот совет и несоодветниот избор на членовите на тие одбори и на претседателите на некои од тие одбори, претставува посебен проблем за подобра работа на советот за добробит на македонската заедница во Србија.

Весник „Илинден: Има ли промени во односот на Република Србија кон македонското национално малциство имајќи ги во предвид промените после промената на власта во Република Македонија?

Да кажеме дека нема никакви промени, би биле некоректни кон нашите сограѓани Македонци во Србија, кои ја следат состојбата и кои оправдано реагираат на некои изјави на некои политичари во врска со името на нашата матица, со промената на називите на улиците, со натписите по  автопатиштата, во врска со признавањето под уставното име, во врска со толкувањето и пренесувањето на состојбата и политиката на Македонија во овдешните медиуми. Но се е тоа „нормално“ во вакви прилики. Треба да се истакне дека ние немаме никакво оневозможување на нашите права или стопирање на финансирањето на советот, здруженијата. Од тука произлегува и нашата обврска, посебно на здруженијата на граѓани, како претставници на граѓанскиот сектор, сега во овие услови стварно да бидеме тој мост на соработка, меѓусебно разбирање и поврзување помеѓу Македонија и Србија. Тука е и улогата на политичките партии на Македонците во Србија, со својата политика и јасни политички ставови да дадат придонес за соработка помеѓу Србија и нашата матица, Република Македонија. Што се однесува до ставот кон Македонија, и политичките промени таму, го повтроувам мојот став. За нас иселениците, за Македонците кои живееме во странство, Република Македонија е нашата партија, а за тоа кој како и за кого ќе гласа во амбасада во Белград за парламетарните и претседателски избори во Македонија, е друга работа. За нас во дијаспората, прифатлива е и подеднакво значајна секоја политичка опција која е на власт, избрана на легални и легитимни избори во Република Македонија.

Весник „Илинден: Колку сте задоволни од односот на Република Македонија кон дијаспората?

Одредувањето на Миниситер за дијаспора, е чекор напред во подобрувањто на гржата на матицата земја кон иселениците и кон македонкото малцинство кое живее во соседните земји на Македонија. Очекувањата од тој министер и од наредните чекори од Владата на тоа поле се големи. Ја поздравуваме и најавата за донесување на Стратегија за дијаспората. Останува нашата обврска, со свои предлози да помогнеме за подобро организирање на Македонците во странство и соработка со наделжните во Македонија. Не треба „да се откажеме“ од идејата за посебно министерство за дијаспора. Очекуваме подобра координација на сите надлежни министерства заради поголема помош во реализација на образованието на македонски јазик, во подршка на  културата и јазикот, грижата за зачувување на националниот идентитет и помош за работа на асоцијациите на македонците во Србија.

Весник „Илинден“: Кажете ни нешто за идните обврски и планови на Македонската заедница во Србија?

Во тек е расправата за измена и дополна на прописите на некои закони за правата на малцинстава како и работа на Акциониот план за малцинствата во Србија. Наша обврска е активно да се вклучиме во расправата по тие закони. Идната година се избори за Националните совети. Ние мора да се избориме да обезбедиме непосредни избори и за нашиот совет, како и сите други совети, а не со електори. За тоа ни е потребно, „само уште 1.100 македонци да се запишат во ПБС – посебните бирачки списоци“. На тие непосредни избори, и 50% Македонци да гласаат од запишаните во ПБС, е многу повеќе отколку со електори. Со непосредни избори нашиот совет ќе има поголем легитимитет. Со непосредни избори, носителите на листи, слободно, во кампањата ќе можат да „допрат“ до сите македонци, да им ја објаснат својата програма. Фер и демократски непосредни избори за нашиот совет, се „лекот“ за надминување на проблемите и подобра работа на идниот совет. На политички план, треба да се подготвуваме за изборите во Белград. Со планска и организирана работа и долгорочно предвидување и планирање на соработката и коалицирањето со „победничките“ партии, а во догледно време и самостално со свои листи, можеме да обезбедиме да имаме свои одборници и пратеници во Собранието на Србија и АП Војводина, а со тоа и учество власта и се останато што следува од тоа.  Во рамките на нашата заедница, ќе мора да се седне на маса и да се разговара за сите овие планови. Напишаната Стратегија и идејата за МАКОС, е добра основа, но таа Стратегија треба да се ажурира, измени и дополни, согласно новите услови и целите на македонската заедница во Србија.

Весник „Илинден”: Вашата порака до Македонците во Република Србија?

Секогаш и секаде „Македонија во срцето“ и работа во нашите асоцијации „За Македонците пред се“.

 

Македонски весник „Илинден“

Главен и одговорен уредник: Никола Ѓурѓај