Екслузивно интервју за весникот „Илинден“: Весна Темелкоска – Вуковиќ претседател на Советот на национални малцинства на Народното собрание на Република Српска

Весна Темелкоска – Вуковиќ е родена во Прилеп, Република Македонија. Основно училиште и гимназија завршува во Прилеп, а потоа се запишува на Технолошкиот факултет во Нови Сад, на смер прехрамбена технологија . На студиите ја затекнува распаѓањето на тогашната матична земја СФРЈ  и независноста на Република Македонија. Дипломира на Технолошкиот факултет, а наскоро вклучува  брак со Горан Вуковиќ, со потекло од Босна и Херцеговина, што ќе биде причина за преселба во Кнежево за време на бомбардирањето на НАТО во 1999 година. Наскоро вклучува работен однос во тамошното средно училиште како професор на стручно-теоретска настава. Веќе во 2004 година се запознава со македонската дијаспора во Бања Лука, се вчленува во Здружението на Македонците и започнува со активностите во здружението, чија цел е да ги собере македонските граѓани во областа на Бања Лука,  да им се даде можност да се обнови и не заборави македонскиот јазик (организира и спроведува курсеви по македонски јазик), културата, традицијата на македонското поднебие од каде што доаѓаат. Исто така, активно работи на запознавање на локалните жители со македонското наследство  учествувајќи на собири, конференции, настапи на радио и телевизија, објавување на статии во локалните весници кои ги промовираат Македонците и другите малцинства во Република Српска и Босна и Херцеговина. Станува потпретседател на Здружението на Македонците, делегат на Собранието на Сојузот на националните малцинства на Република Српска, а подоцна и претседател на Советот на национални малцинства на Народното собрание на Република Српска, на чие чело е и денес. Живее во Кнежево и е директор на Средно училиште.

Весник „Илинден“: Колку брои Македонското национално малциство и во кој делови на Република Српска ги има?

Точен број не се знае и покрај пописот кој беше спроведен во 2013 година, во кој се дадени само податоци за вкупниот број на националните малцинства. Во Република Српска најмногу ги има во Бања Лука, има и во по помал број во сите делови на Република Српска.

Весник „Илинден“: Како се организирани Македонците во Република Српска?

Македонците во Република Српска се организирани во здруженија во Бања Лука и Требиње, а во Федерацијата на БиХ, во Сараево, Мостар, Тузла и Брчко Дистрикт.

Весник „Илинден: Дали има Македонци во раководни позици во Република Српска?

Во Република Српска има Македонци кои се во државни институции, како на пример јас, која имам директорска функција во средно училиште, има новинари, наставници, сопственици на приватни фирми.

Весник „Илинден’’: Коко функционира Националниот совет на малциствата во Република Српска?

Советот  на националните малцинства има 11 членови .Членовите се предлагаат од Здруженијата на секое национално малцинство кое е активно и ги верификува Сојузот на националните малцинства кои има 33 делегати .Предлогот се дава до Народното собрание на Република Српска и од предложените кандидати  посебна собраниска комисија бира претседател и потпредседател на Советот,што е во согласност со деловодникот на Народното собрание кој во член 100 се дадени сите права и обврски на Советот додека делува како собраниско тело.Важно е да се каже дека Советот има право да дава мислења,амандмани и барања до Одборите кои работат при Собранието,а составени се од пратеници.Така оваа година успеавме,користејќи го правото на амандман да ги зголемиме буџетските средства за проекти при Министерството за просвета и култура.

Весник „Илинден”: Дали сметате дека Македнците во Република Српска треба да се обединат во сојуз сите друштва од Република Српска и БиХ? 

Таа идеа треба да се реализира и да се направи Сојуз на македонски здруженија од целата територија на Босна и Херцеговина, бидеќи се заинтересирана сите Македонски здруженија заради подобра комуникација и соработка.

Весник „Илинден”: Како претседател на Национален совет на малциствата колку малциства има и дали сте задовлни од остварувањето на правата на малциствата во Република Српска?

Во Република Српска активни се 11 национални малцинства, од 17 колку се признати со Уставот на Република Српска:Македонци, Украинци,Унгарци, Евреи,Словенци, Италијани,Чеси, Словаци, Црногорци, Пољаци, Роми. Задоволни сме со статусот кој го имаме, али секако дека можи подобро и поуспешно.

Весник „Илинден”: Со кои проблеми се соочува македонскo национално малциство во Република Српска?

Секако се помала бројност на помлади членови, недоволни финансиски средства за функционирање на Здружението, но сеуште имаме елан и патриотски чувства према нашата татковина да не дозволиме да се заборави нашиот јазик, култура и традиција на овие простори.

Весник „Илинден”: Вашата порака до Македонците во Република Српска?

Каде и да сме ,пораката би била „Македонија во срцето’’

 

Македонски весник „Илинден“

Главен и одговорен уредник: Никола Ѓурѓај