Конфискуван имот на поранешниот албански јавен обвинител

По наредба на албанското Обвинителството за тешки кривични дела, Судот во Тирана нареди да биде запленет имот на поранешниот државен јавен обвинител на Албанија, Адриатик Лала, поради сомнеж дека е стекнат на незаконски начин. Според тиранската телевизија Топ-чанел, станува збор за „превентивна конфискацоија“ на недвижен имот и тоа стан во пристанишниот град Драч и над 22.000 метри квадратни земјоделско земјиште во Тирана. Запленетиот имот е проценет на околу 800.000 евра.

Лала запленетиот имот го оставил како гаранција, со цел да се брани од слобода поради обвинувањата за корупција во врска со незаконско стекнат недвижен имот за време на својот мандат. Истрагата за незаконско стекнување имот против Лала ја почна Обвинителството во Драч, по што таа беше префрлена во надлежност на Обвинителствто за тешки кривични дела во Тирана. Лала се сомничи и за директна вмешаност во непокренувањето на обвиненија против голем број криминални групи во земјата.

Лала требаше да подлежи на проверка на потеклото на имотот при процесот на прочистување на правосудните институции и полицијата во Албанија од корумпирани лица или лица кои биле или се дел од криминални структури, но поради тоа што претходно поднесе оставка, тој беше исклучен од проверката. Тој и членови на неговото семејство пред неколку месеци, како „непожелни“ не добија американска виза.

Лала поднесе оставка од функцијата лани во декември, а во јуни не се јави на закажаното рочиште во Судот во Тирана. Некои медиуми јавија дека тој се наоѓа во Турција, каде побарал политички азил, додека други пакm тврдат дека се засолнил во Германија.

Advertisement