Концерт на КУД „Дримкол“ по повод 70 години организиран фолклор во Вевчани

Културно уметничкото друштво „Дримкол“ од Вевчани, денеска, во Скопје во МКЦ во 19 часот ќе одржи  концерт под мотото „70 години организиран фолклор во Вевчани“. На концертот ќе биде прикажан документарен филм кој со архивски снимки и слики ќе сведочи за оваа долга и континуирана традиција на организиран фолклор во Вевчани од првиот настап на 11-октомвриските свечености во Скопје во 1947 година до ден денес. Во другиот дел на програмата ќе настапи пејачката група „Каданка“ со изворни песни од ЦД-то „Долетало лично пиле“, кое Дримкол во чест на јубилејот го промовираше оваа година.

Фолклорниот ансамбал на Дримкол на сцената на МКЦ ќе ја прикаже орската традиција на Вевчани и Струшко. Во Скопје скоро секоја година одржуваме по еден наш целовечерен концерт. Тоа го правиме заради наши вевчанци што живеат тука, но, и заради наши пријатели, соработници, поддржувачи кој редовно ја следат нашата работа. Со таквите концерти успеавме низ годиниве да создадеме наша верна публика во Скопје пред која секогаш ни е задоволство да настапуваме.

Повод за овој концерт во Скопје, оваа година е јубилејот „70 години организиран фолклор во Вевчани“, со кој концерт ги заокружуваме сите свечености поврзани со јубилејот. Фолклорот и традицијата во Вевчани се многу постари, датираат уште од настанокот на Вевчани, Вевчанскиот карневал е пример за тоа, но, ние одбележуваме организирана форма на фолклор кој некогаш организирано во играорна група, а денес преку КУД „Дримкол“ се негува, презентира и промовира низ годиниве во земјава и странство истакна Јасмина Бебекоска од одделението за протокол и односи со јавност на КУД „Дримкол“ од Вевчани.