На 21 јули 2020 година, земјите членки на Економско-социјалниот комитет на Обединетите нации (ЕКОСОК) со акламација ја избраа Македонија за членка на Комисијата за социјален развој на Организацијата на Обединетите нации, за периодот 2020 – 2024 година.
Комисијата за социјален развој е една од десетте функционални комисии формирани од страна на ЕКОСОК. Како советодавно тело, одговорно е за имплементација на целите на социјалниот развој на глобално ниво и е клучното тело на ОН надлежно за следење и спроведување на Копенхагеншката декларација и Програмата за акција. Се состои од 46 члена избрани врз основа на правична географска дистрибуција на земјите членки на ОН.
Македонија е меѓу петте земји членки од источно-европската група, а во моментов членки од истата група се и Руската Федерација, Украина, Романија.
Изборот е признание за постигнувањата на Македонија во изминатиот период кои се на линија на целите од Копенхаген, особено создавањето на економска, политичка, културна и правна рамка за постигнување на социјален развој на поединецот, намалувањето на сиромаштијата и социјалната кохезија, зголемувањето на вработеноста, социјалната интеграција засонована на човекови права, постигнувањето на родова еднаквост, како и развојот на образованието и здравствената заштита.
Членството на Македонија во оваа Комисија ќе биде можност за поширока меѓународна промоција на овие постигнувања, како и за придонес во зајакнувањето на меѓународните напори за имплементација на Агендата 2030 и целите на одржливиот развој.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden
