Македонија испишува спортска историја во таеквондо

 

Ако пред само три години за македонски репрезентативец во олимпискиот спорт таеквондо беше речиси невозможно да помине дури и едно коло на големи натпреварувања како Г1 турнири и европски и светски првенства, МТФ денеска веќе се гордее со сениорско злато на европско првенство, бронзен медал на светско јуниорско првенство, сребрен медал од медитерански игри, бронзен медал на европско првенство У21 и десетици медали од Г1 турнири кои носат бодови за обезбедување на норма за олимписки игри.

Со ова, Македонската таеквондо федерација и тоа како не само за македонското таеквондо, таа цврсто се втемели во сериознен пишувач на македонската спортска историја воопшто. При крајот на 2017 година во месец декември најтрофејниот македонски таеквондист Дејан Георгиевски кој потекнува од таеквондо клубот Бутел на само 18 годишна возраст во Софија, Бугарија со пет победи од кои во финалната борба совлада репрезентативец на Русија го освои првиот златен медал за Македонија на едно ЕВРОПСКО СЕНИОРСКО ПРВЕНСТВО во олимписки спорт, овој историски успех за македонскиот спорт пред се, го втурна Дејан Георгиевски во светскиот крем на олимпиското таеквондо, и секако стана сериозна олимписка надеж за македонската држава.

Дејан Георгиевски за 2017 година од страна на Агенцијата за млади и спорт доби награда за постигнување на врвен спортски резултат, додека пак на ниво на градот Скопје беше второ рангиран во рангот на најдобри спортисти за 2017 година веднаш после Стојанче Ангелов кој со РК Вардар ја освои лигата нашампионите во ракомет.Од страна на асоцијацијата на спортски новинари, доби награда за врвен спортски резултат.

За Македонската таеквондо федерација без никакво двоумење Дејан Георгиевски требаше да биде прогласен за спортист на годината по сите основи, затоа што едноставно го постигна најголемиот спортски успех за 2017 и многу пред тоа. Иако Георгиевски пред да стане европски шампион веќе две години по ред беше балкански шампион, имаше неколку медали од Г1 турнири и само неколку месеци пред овој огромен успех донесе бронзен медал од европско првенство за млади сениори У21, многу спортски работници најчесто од останатите спортови овој огромен успех на Дејан Георгиевски го толкуваа како случајност, Дејан многу наскоро цврсто покажа дека не само што не е случајност туку тој сериозно атакува на уште поголеми успеси.

Георгиевски на 03.03.2018 година со пет победи освои златен медал на Г1 турнир во Софија, каде што остави позади себе елитна конкуренција како Махама Чо од Велика Британија кој е актуелен сребрен медал од светското првенство во Кореа 2017 и бронзен олимписки медалист од Рио 2016 тој несомнено е вистинска таеквондо ѕведза, на крајот од месец мај 2018 година европската таеквондо федерација во Пловдив,Бугарија за прв пат одржа европски игри во овој олимписки спорт со ранг Г1, Дејан Георгиевски освои златен медал со четири нанижани победи.

На 22 Јуни дојдоа МЕДИТЕРАНСКИТЕ ИГРИ во Тарагона, Шпанија, македонските спортисти успеаја да донесат шест медали од кои едне златен, еден сребрен и четири бронзи. Сребрениот медал го освои Дејан Георгиевски со четири победи од кои една над суперзвездата од Словенија, Иван Трајковиќ кој е носител на неколку светски и европски титули и секако е олимпиец. Со ови резултати несомнено Дејан Георгиевски докажа за каков квалитет станува збор, тој во текот месецов од страна на светската таеквондо федерација доби покана за учество на ГРАНД ПРИ натпреварите во овој олимписки спорт на кои учествува само кремот на олимпиското таеквондо, гранд при натпреварите до крајот на годинава ќе се одржат во Таиван и Англија.

За да не биде Дејан случајност и само еден кога се во прашање врвните резултати во овој олимписки спорт, Анамарија Георгиевска сестра на Дејан, во месец април 2018 во Хамамет, Тунис освои бронзен медал на официјално ЈУНИОРСКО СВЕТСКО ПРВЕНСТВО што е еден од најголемите младински резултати во историја на македонскиот олимписки спорт воопшто. Пред да биде осовоен овој бронзен медал, Анамарија имаше освоено неколку јуниорски медали од Г1 турнири, и еден златен од балканско првенство во Турција 2017.

Анамарија во месец октомври заено со претседателот на МТФ кој е и нејзин тренер Борче Костовски ќе патува на МЛАДИНСКИТЕ ОЛИМПИСКИ ИГРИ во Буенос Аирес, Аргентина како преставник на македонскиот тим со највисок резултат во тековната година. Македонските таеквондисти остваруваат големи резултати на кои Македонија треба да биде горда. Таеквондото е фул контактен олимписки спорт со сериозна олимписка традиција уште од ОИ во Сеул 1988, а како официален олимписки спорт од ОИ во Сиднеј 2000 година, во Македонија е помалку познат, но со овие врвни спортски резултати сериозно се пробива во секоја смисла на зборот.

Претседателот на МТФ,Борче Костовски тврди дека македонското таеквондо има сериозен потенцијал за многу нови медали од највисоките светски натпреварувања, но и за учество и медал на Олимписките игри во Токио 2020. Тој вели дека македонските клубови членки на МТФ имаат сериозен младински потенцијал, веќе мразот е скршен, рецептот е пронајден и наше е, вели, да продолжиме да работиме како и до сега, чесно, со цела сила и со гордост ја пишуваме спортската историја на оваа убава земја Македонија. Со Господ напред, допрва ќе се слуша за македонското таеквондо, заклучува тој.

Advertisement