Македонија, Словачка, Чешка заеднички ќе ја организираат манифестацијата „По трагите на светите Кирил и Методиј“

Премиерот Зоран Заев го прими амбасадорот на Словачка, Хенрик Маркуш, кој на средбата го претстави долгогодишниот организатор и иницијатор на манифестацијата „По трагите на светите Кирил и Методиј“ Стојан Лекоски, Македонец кој повеќе децении живее во Словачка.

Лекоски на средбата информираше дека оваа година „По трагите на светите Кирил и Методиј“ е вклучена во Европската програма за регионален развој и ќе се реализира со учество на Чешка и Македонија, покрај традиционалниот домаќин – Словачка.

Заев, како што информираат од Владата, предложил оваа година настаните во рамките на оваа манифестација што ќе се организираат во Македонија, да бидат вклучени во програмата за одбележување на 30-годишнината од прогласувањето на независноста на нашата земја.

„Да покажеме заедно со Словачка и Чешка дека делото на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј е од заедничка вредност за паметење и чествување на сите словенски народи и од огромно значење за европската духовна и културна историја“, истакнал премиерот Заев на средбата.