Македонија, Словенија и Црна Гора организатори на Сениорско ЕП 2022 во женска конкуренција (ВИДЕО)

Ракометните Федерации на трите земји ги исполнија критериумите и ги задоволија сите барања при инспекциите на ЕХФ во текот на изминатиот период, по што официјализирано е дека градовите Љубљана, Скопје, Целје и Подгорица, со своите арени „Стожице“, „Борис Трајковски“, „Златорог“ и „Морача“ ќе организираат по една од четирите групи во првата фаза од Првенството. Љубљана и Скопје ќе бидат домаќини и на по една од групите во главната фаза, додека завршницата од Првенството ќе се игра во словенечкиот главен град. Покрај условите за одигрување на овие натпревари од највисоко ниво, заедно со искуството на организација на големи настани на трите федерации, како посебно добра препорака за доделување на организацијата, ЕХФ ја издвои предложената повеќегодишна кампања за реализирање на визијата и мисијата на Првенството.

Кампањата, која ќе се одвива под слоганот „We Can Handball“, како главна цел го има засилувањето на брендот на женскиот ракомет во Европа и Светот, така што со подобрување на сите негови производи, тој ќе се приближи до она што глобално претставува машкиот ракомет. Предложени се низа проекти под слоганите “We Teach Handball”, “We Travel Handball”, “We Care Handball”, “We Support Handball” и “We Work Handball”, меѓу другите, чија реализација нема да биде фокусирана само во земјите на одржување на Првенството, туку низ цела Европа. Тие имаат за цел да опфатат многу широк аудиториум, да ги приближат фановите до своите идоли, а преку целата кампања за промоција на женскиот ракомет, целта е да се промовира и самиот настан. Повеќе за деталите на кандидатурата на линкот (https://goo.gl/4Jxphb), како и на официјалната брошура (https://goo.gl/VvCMoK) и интернет-страница на Првенството (http://www.womens-ehf-euro2022.com/).

Advertisement