МПЦ денеска го прогласи за светител Свети Кипријан

Во манастирот Св. Јован Претеча во село Слепче, Демир Хисар Македонската православна црква – ОА изврши канонизација  и го прогласи за светител Игуменот Кипријан Слепченски.  Со чинот на канонизација чиноначалствува Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан во сослужение на останатите митрополити и епископи на МПЦ – ОА. Одлуката на Светиот Архиерејски Синод на МПЦ-ОА со која Св. Кипријан Слепченски се запишува во списокот на светите беше соопштена во текот на Светата литургија. Во манастирот беше осветена и иконата на Св. Кипријан, пред која верниците се поклонуваа.

Канонизацијата на Св. Кипријан кој на 30 април 1780 година маченички пострада за православната вера е првата свечена активност, во програмата за одбележување на 50 години од возобновувањето на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Синоќа пак со почеток во 17 часот беше отслужена свечена вечерна богослужба во манастирот на која чиноначалствуваш Митрополитот преспанско – пелагониски Петар со Викарниот Епископ Хераклејски Климент, Високопреподобниот игумен Серафим и со останатото чесно свештенство и ѓаконство на помесната Црква.

 

Advertisement