МРТ го објави повикот до авторите за избор на песна за Евровизија 2018

Македонската радио-телевизија ги повика авторите и музичките продуценти од Република Македонија и пошироко да ги достават своите музички предлози (во демо или финализирана верзија) и со својот креативен труд да учествуваат на јавниот повик, со цел да се избере најдобрата песна што ќе ја претставува државата на 8 мај на Евровизија во Лисабон.

 

МРТ истакнува дека како носител на лиценцата за избор на песна за Евровизија донесе одлука за формирање релевантно професионално жири, кое ќе има цел избор на композиција, а врз основа на избраната композиција, ќе предложи и изведувач или група изведувачи, кои ќе може најдобро да ја исполнат на евровизиската сцена.

Од МРТ наведуваат дека лично ќе им се јават на членовите на авторскиот тим на избраната композиција за натамошно исполнување на процедурата за соработка и договор, а финалната одлука ќе ја објави по резултатите од работата на жири-комисијата. Јавниот повик е отворен до 8 февруари.