Музејот на градот Скопје со изложба во Истанбул

Музејот на градот Скопје ќе се претстави во културниот центар „ИББ Али Емири Ефенди“ во Истанбул, Турција со изложбата „Скопски материјални и духовни проблесоци“ од авторите Драгица Живкова и Игор Кузманоски, и Климе Коробар, како нејзин комесар. Изложбата се состои од 33 паноа со фотографски прикази на артефакти од средновековниот и турскиот период што потекнуваат од поширокиот простор на Скопската тврдина и чаршија, а сега се во сопственост на музејот.

Примарен мотив на изложбата „Скопски материјални и духовни проблесоци“ е негата на културните врски и корелации помеѓу Македонците и Турците, наедно и одбележување на 15-годишнината од збратимувањето на Скопје и Истанбул, како и интензивирање и продлабочување на соработката од областа на културата.
Изложбата финансиски е поддржана од градот Скопје, а се реализира и во соработка со Културно-информативниот центар на Република Македонија во Истанбул, Турција. Изложбата ќе биде отворена до 19 декември.