Откриен ракопис на прв Македонец кој го превел Шекспир во 1908

 

Во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје денеска, 16 март, беше претставен новооткриениот превод во ракопис на шекспировата пиеса „Венецијанскиот трговец“ од македонскиот интелектуалец, револуционер и деец Тодор Лазаров Хаџидимитриев од 1908 година. Директорот на НУБ „Св. Климент Охридски“- Скопје Иван К. Заров истакна дека иако овој превод во ракопис одамна е библиотечно и каталошки обработен, за негова повторна книжевна промоција е заслужен нашиот драматург Дарко Спасов.

Потенцира дека е прв превод на човек од нашето поднебје, прв Македонец кој го превел Шекспир тогаш на книжевен бугарски и додаде оти во неговиот превод провејуваат оригинални интерпретации и интервенции и редица лексикални интервенции во кои влијание има неговиот роден штипски говор.

Се поставува прашањето кој е неговиот интимен творечки порив да го преведе Шекспир во ќелијата на затворот во Триполи каде бил интерниран во 1905 година заедно со неговиот соидејник д-р Петар Кушев. Зошто Шекспир и зошто токму „Венецијанскиот трговец“ ќе остане енигма, но верувам и поттик за истражување на денешните македонски театролози, драматурзи и на пошироката македонска културна и општествена јавност, рече Заров.Според него, имајќи предвид дека во тоа време малку го познавале англискиот јазик, како основа на неговиот превод на Шекспир можел да му послужи некој француски или турски превод.

Спасов информира дека при работата како драматург во Драмски театар на претставата „Венецијанскиот трговец“ од Шекспир, во режија на Наташа Поплавска, пребарувал низ електронскиот систем на НУБ „Св. Климент Охридски“ го лоцирал препевот/ракописот на Тодор Лазаров Хаџидимитриев како антиквитетно градиво од прва категорија. Заклучив дека не само што е оригинален, туку влегува во пренесувањето на Шекспир со еден драматуршки усет, толку прецизен и луциден. Неговите реченици се далеку подејствителни од дискурсот кој го пренесуваат Рајнов и Мирски, рече Спасов.

 

Advertisement