Отворена изложбата на фотографии „По трагите на светите Кирил и Методиј“ во Охрид

Во Куќата на Уранија – МАНУ, синоќа свечено беше отворена изложбата на фотографии „По трагите на светите Кирил и Методиј”. На свеченоста, во името на организаторите, Општина Охрид, Амбасадата на Република Словачка во Република Македонија и Словачката национална библиотека, се обратија градоначалникот Јован Стојаноски и амбасадорот Хенрик Маркуш. Во Куќата на Уранија и во музејот во Куќата на Робевци, поставени се триесет и една фотографија од познатиот меѓународен словачки експерт за надворешна политика Павол Демеш, кој три години ги фотографирал најзнаменитите објекти, поврзани со животот и делото на светите Кирил и Методиј.

Особено сме почестени што пријателите од Република Словачка со оваа изложба, ни го збогатија чествувањето на денот на ,, Св.Климент Охридски- патронот на Охрид”, изложба која го поврзува нивното дело со делото на нивните ученици, светите Климент и Наум Охридски. Тоа е чин на продолжување на веќе воспоставената соработка и верувам дека со нашето присуство на триесеттото јубилејно издание на чествувањето на светите Кирил и Методиј, во истоимената црква во Словачкиот град Терхова, соработката ќе ја продлабочиме – рече градоначалникот Стојаноски.

Фотографиите на Павол Демеш го презентираат учеството на солунските браќа во трите големи мисии кај Арабите, Хазарите и мисијата по Велика Моравија. Фотографиите ги документираат спомениците сочувани од нивниот период , или посветени на нив.

Со Република Македонија негуваме посебни меѓудржавни односи, во кои морам да признаам дека посебно не инспирираа заедничките вековни културно- историски врски. Ако не биле светите Климент и Наум Охридски, многу помалку ќе знаевме за делото на нивните учители, светите Кирил и Методиј, кои во 1980-та година , папата Јован Павле Втори , ги прогласи за покровители на Европа. Токму затоа, ние Охрид го чувствуваме како центар на ширењето на сесловенската писменост и култура и како мотив за продолжување на воспоставенат соработка. – рече амбасадорот на Република Словачка Хенрик Маркуш.

Кураторот на изложбата Стојан Лекоски, кој потекнува од Охрид, а живее и работи во Словачка, истакна дека првпат фотографиите се изложени во Братиславскиот замок, во неколку градови во Европа и САД, како и во Република Македонија.

Во културно-уметничката програма , на свеченото отворање на изложбата, настапија младата флејтистка Анета Матеска , под менторство на професорката Ирена Веруш и пијанистката и директор на ОМУ ,,Методи Патче” Емилија Маринова. Изложбата, како што беше најавено, покрај редовните , деновиве организирано ќе ја посетуваат ученици од основните и средните училишта од Охрид.