Паралелка на македонски јазик ќе се отвори во Италија

Во регионот Тревизо, во Конелијано наскоро ќе се отвори паралелка за изучување на македонскиот јазик за децата на Македонците кои живеат и работат во тој дел на Италија. На иницијатива на македонското здружение „Аминта“, наскоро се очекува да почне со работа една паралелка со најмалку 20 деца кои ќе го учат македонскиот литературен јазик.

„Сакаме нашите деца да знаат да пишуваат и зборуваат литературно македонски. За оваа цел од Министерството за образование во Македонија ни ветија дека ќе ни обезбедат учител за реализирање на овој проект“, вели Билјана Колоска, потпретседателката на здружението „Аминта“. Саве Лазароски, претседателот на здружението, вели дека од Агенцијата за иселеништво во Македонија ветија и бесплатни учебници. И амбасадорот на Македонија во Италија, Оливер Шамбевски го поздрави формирањето на здружението и вети поддршка од татковината.