Пишман мајки, маќеи и сирачиња од доц. д-р Стојко Стојков член на Претседателството на Омо “Илинден”- Пирин

Писмото на архиепископот на МПЦ Стефан до Бугарската православна црква со кое се предложи зделка МПЦ да ја признае БПЦ за црква мајка, а за возврат БПЦ да ја признае МПЦ за автокефална, ја разбранува јавноста и во двете соседни држави. Но очигледно многу повеќе во Бугарија каде се стигна и до хистеричност. Од македонска страна исто се слушнаа осуди и пофалби. Зошто се случи тоа, зашто сега и како е значењето на барањето на МПЦ? Идејата да се пробие блокадата на српската црква пред признавањето на Македонската православна црква преку шпекулирање со тоа кој се јавува „црква мајка“ не е нова, а не е ниту глупава сама по себе, како што некои мислат. Но пак не е ниту толку паметен потег колку изгледа мнозина се надеваат. Уште помалку пак е она на што изгледа доста гладни кокошки во Софија си мислат. Целиот спор околу нејасниот за многумина поим „црква мајка“ нема ништо општо со припадноста на нацијата, припадноста на црквата, па дури ни историскиот корен на двете. Се разбира во Бугарија побрзаа да ја прошират токму оваа заблуда, да го претстават барањето од страна на МПЦ Бугарија да настапи во улога на црква мајка и да ја признае независноста на македонската црква, како одвај ли не чекор кон „ребугаризација“, признавање бугарски корени или барање на МПЦ да влезе во БПЦ. Ништо од тоа не е вистина и поскоро претставуваше еден отровен облак боја како оние што ги испуштаат октоподите за да избегаат и да се спасат кога ќе се најдат во опасност. Зашто потегот на МПЦ ја постави пред дилема бугарската црковна политика. Дали навистина да прифати да се однесува барем за минута како „мајка“ каква што претендира дека историски била и да ги сноси сите последици и негативи од страна на другите и особено грчката и српската цркви, или да покаже сосема јасно дека реално нема намера да ризикува ниту влакно од својата глава за така наречените „браќа“ во Македонија. Во првиот случај таа би претрпела штета, но би помогнала на МПЦ, а во вториот би го демонстрирала целосното лицемерие на сите бугарски претензии. Освен тоа признавање на самостојна црква во балкански контекст се разбира како признавање на посебна нација. Затоа БПЦ избра да не го прифати предлогот и целиот шум и празнословие беа имено за да се прикрие овој факт.

Црква мајка – што е тоа?

Но што е тоа „мајка црква“ и зошто всушност МПЦ се обрати кон Софија со такво барање? „Мајка црква“ како и „фирма ќерќа“ се правни поими, кои немаат врска со роднински односи и зависности. „Црква мајка“ е онаа црковна организација, која последна од сите правно ги поседувала епархиите на кои се создала новата црковна организација. Зашто е тоа воопшто важно? Затоа што таквата црква мајка има право да даде автокефалност, автономија или друг статус на новата црква и истата да ја престави во православното црковно семејство. Така целиот муабет за тоа кој се јавува „црква мајка“ на МПЦ нема за цел ниту да ја србизира ниту да ја бугаризира неа, туку треба да одговори на прашањето, која од православните цркви го има правото да ја признае македонската автокефалност.

Досега се сметаше од МПЦ, а и од целото православие, во тој број и БПЦ, дека “црква мајка“ се јавува имено српската. СПЦ меѓутоа се докажа како лута маќеа и е јасно дека од неа „амин“ за независност нема да има и решение на спорот нема да се добие. Единствената алтернатива која й останува на располагање на МПЦ се јавува БПЦ, која како Бугарска егзархија од турските власти и со гласање од верниците добила дел од епархиите во Македонија и во тој број епархиите во денешна Р Македонија. Нејзиното право било оспорено од Царигадската патријаршија која во 1872 г. ја ставила под шизма како расколничка црква (т.е. во иста позиција во која е МПЦ сега поради СПЦ). Причината за шизмата било обвинението во етнофилетизам или национализам кој тогаш бил припознаен за ерес во црквата. Бугарската егзархија ги држела епархиите во Вардарска Македонија до 1913 г., а потоа пак од 1915 – 1918 г. и на крај меѓу 1941 – 1944 г. По првата светска војна Србија ги купила епархиите во Вардарска Македонија од Цариградската патријаршија и ги дала на СПЦ. Дали меѓутоа Цариградската црква имала право да дава, а уште повеќе и да продава епархии во Вардарска Македонија е големо прашање, а самиот акт на продавање епархии е несомнено скандал без преседан. Во црквата е анатемисана продажбата на црковни должности (симонија), но никој и не претпоставувал дека можат да се продаваат цели епархии заедно со верниците во нив. Тоа секако е „духовно откритие“ на овде две помесни цркви. Тоа далеку ја надминува дури и фолклорната слика од песните „Продаваат се мамо белите манастири“. Од своја страна Бугарската егзархија останала под шизма до моментот кога не се откажала од секакви претензии врз епархиите во Вардарска Македонија и имено тогаш е дигната шизмата од неа и таа станува патријаршија во 1953 г. Така што какви и права да можела да има таа се откажала од нив. Тоа ни поставува реално две прашања. Едното е поскоро формално-правно, а имено кој и доколку може да претендира да е црква мајка и соодветно да ја признава МПЦ. Второто е практично прашање – доколку признавањето на БПЦ за црква мајка ќе послужи на целите на кои МПЦ се надева – а имено автокефалност.

Црква баба – султан дедо

И така имаме две кандидат мајки во лицето на СПЦ и БПЦ и една кандидат баба во лицето на Цариградската патријаршија. СПЦ своето право го базира врз Цариградската патријаршија и врз актот на купување. Цариградската своето право го базира на решението на турскиот султан да й ги даде епархиите на Охридската архиепископија. Бугарската егзархија своето право исто го базира врз одлуките на турскиот султан. Така реално и трите своето право го базираат врз решенијата на турските султани. Значи ако некоја од овие три цркви се јавува мајка би требало султанот да е црковен татко или барем дедо? Интересна ситуација…

Дали верскиот поглавар на сите муслимани сунити – калифот, т.е. султанот имал право да создава и уништува цркви, и да ги менува нивните граници? Секако по правото на силата – да. Но не тоа е прашањето. Зашто ако беше по правото на силата – силата на турските султани е мртва а со неа и сите нивни решенија. Тоа не донесува и до следното прашање има ли право светската власт да ги одредува границите и положбата на црквите. Во православието е прифатено правото на православните императори да го прават тоа, а е воведено и правилото црковните граници да ги следат политичките и административни. 36-то правило на Трулскиот собор предвидува „редот на црковните работи да ја следи државната и граѓанската распределба“. Тоа меѓутоа се заборава кога е во прашање Р Македонија зашто одредени црковни кругови уште не можат да се помират со фактот дека постои македонска држава.Така ако турските султани имале право да создаваат цркви и да менуваат нивните граници значи такво право има и Република Македонија, чие Народно собрание барем е избрано и со гласовите на православните верници за разлика од турскиот султан. И ако е така тогаш правото на МПЦ да постои е еднакво со правото на постоење на двете кандидат – мајки СПЦ и БПЦ и секако е многу поголемо од нивното право да го оспоруваат постоењето на МПЦ. Очигледно Софија и Белград далеку повеќе го почитуваат мислењето на одамна умрените султани пред волјата на живите христијани во Македонија.

Историјата и правото

Во антиката православните императори ја имале власта да менуваат црковни граници и основат цркви и црковните собори се сообразувале и ја прифаќале истата. А кави биле нивните одлуки? Ниту еден православен император, а ниту некој вселенски собор не й ги има дадено епархиите во денешна Р Македонија на Цариградската патријаршија. Напротив 28 правило на четвртиот вселенски собор ја одредува границата на цариградската диецеза на Балканот и таа опфаќа само Тракија. Македонија останува под Рим. А Рим во четврти век овде создава свој автономен Солунски егзархат, при што солунскиот архиепископ се јавува папски викариј или намесник. Во 6-ти век пак овде Јустинијан Велики ја создава Јустинијана Прима чиј престолен град се наоѓал изгледа во близина на Скопје и која ги вклучувала сите епархии во денешна Р Македонија. Таа била прво автокефална а потоа автономна во рамките на папската диецеза. Оваа црква постоела во 6 и 7 в. и згаснала поради варварските напади и населувања, но никогаш не била укината. Во 8 век императорот еретик Константин Копроним й ги одзел епархиите на римската црква кои биле под византиска власт, но тоа не се однесува на денешна Македонија зашто тогаш овде немало никакви епархии, а ниту реална византиска власт. Пак и одлуката на еден еретик не би требало да има правни последици во црквата. Епархиите во Македонија според тоа од почеток й припаѓале на Римската црква и никогаш законски не й биле одземени. Така што имено Рим со полно право и историски би се јавувал мајка црква да го немаше напуштено православното семејство цркви по 1054 г. А кога го напуштил – правото би требало да остане за никогаш неукинатата Јустинијана Прима.

Во 9 в. имено Цариградската црква започнува да основа на просторот на денешна Р Македонија нови епархии, но таквата дејност е прекината со бугарските освојувања. Со покрстувањето на бугарското канство се поставило на дневен ред прашањето за тоа на чија диецеза требало да припаѓа територијата на канството, зашто реално се протегала и во римската и во цариградската. Од 865 до 870 г. со неа владеел Рим. Црковен собор во 870 г во Константинопол й ја дава бугарската диецеза на Цариград, но неговите решенија биле земени надвор од протоколот и немале правна сила. Настрана што соборот не бил вселенски и што одлуката е донесена надвор од процедурата и без консензус и согласност на црквата мајка (римската), но поважно е што и самата Византија истата одлука ја прифатила за ништожна на соборот во истиот град во 879 г. Имено затоа што Цариград немал никакво право врз поголемиот дел од териториите на тогашното бугарско канство како начин да се заобиколи Рим била создадена автокефална бугарска архиепископија, која подоцна (927 – 972) станала за кратко и патријаршија. Одлуката била базирана на папската забрана цариградскиот патријарх да не смее да ракополага епископи на територијата на канството (во кое тогаш се наоѓала територијата на денешна Република Македонија), забрана која била прифатена на соборот во 879 г. Во 1018 г. истата одлука послужила како прва правна основа за создавањето на Охридската архиепископија како независна од Цариград и Рим. Затоа новата црква макар да не ја вклучувала целата територија на некогашното бугарското царство, сепак нејзиниот поглавар вклучил во својата титула „архиепископ на цела Бугарија“. Тоа била само едната правна основа на која ќе се држи оваа автокефална црква – другата била Јустинијана Прима. Дали значи БПЦ може да се повика на тоа дека се јавува продолжение на црквата создадена во 879 г. или пак на Охридската архиепископија и од таму да бара дека ние сме биле нејзин дел во минатото? Зарем титулата на архиепископот тоа не го докажува?

Не! Зашто?

Затоа што бугарската Егзархија не се јавува правен наследник на никоја од овие цркви: ниту на Преславската, ниту на Дрстарската, ниту на Охридската. Таа е нова црковна организација основана од турскиот султан во 1870 г. Според ферманот за нејзиното основање таа е создадена поради „расправијата и дискусиите кои … се породија … помеѓу православните Бугари и грчката патријаршија, т.е. поради границите на поврзувањето на бугарските митрополити, епископи и свештеници и цркви со Патријаршијата … за нивното добро решение … Се составува едно одделно духовно управување (округ) под официјално име (титула) Бугарска егзархија, кое ќе ги опфаќа долу наброените митрополии и епископии … и во тоа одделение управата со духовните работи ќе биде дадено совршено на Егзархијата“ (преамбула и чл. 1). Т.е. нема ниту збор за некакво обновување, за стари цркви или за врска со Охридската архиепископија. Ниту една од посочените во ферманот епархии меѓу другото не е во Македонија. Исто така и во Уставот на таа Егзархија донесен од неа во 1870 г. и одобрен од султанот нема ниту збор за било какво наследство врз средновековни цркви или претензии дека се обновува нешто. Нешто повеќе – познато е дека имено овој момент се јавува причина за судир со преродбениците од Македонија, кои во 1860-те инсистирале на обновување на Охридската архиепископија, но биле одлучно одбиени од бугарските преродбеници. Или кажано просто Егзархијата била една нова бугарска национална црква основана од султанот, а не обновување на некаква стара историска црква. Така е тоа во уставот на Егзархијата во целото време во кое таа имала епархии во Македонија (за последно меѓу 1941 – 1944 г.) и така останало до 1953 г. кога таа станала патријаршија. Но и во уставот на бугарската патријаршија од 1953 г. нема ниту збор за тоа дека истата се јавува некаков наследник на било која „бугарска“ или друга црква во историјата. Дури во новиот устав на БПЦ примен од Шестиот црковно-народен собор на 11 декември 2008 г. т. е. 138 години после создавањето на оваа црква некој се сетил да ја прогласи со заден датум за „правен приемник на Плисковската архиепископија, Преславската патријаршија, Охридската архиепископија, Трновската патријаршија и Бугарската егзархија“ (чл. 1 (3)). Т.е. откако веќе ја имаше МПЦ – Охридска архиепископија БПЦ како израз на „љубов“ решила да й го узурпира основниот аргумент за нејзината автокефалност присвојувајќи си ја Охридската архиепископија. Толку за братската љубов и поддршка од БПЦ кон МПЦ за која празнословеа одредени луѓе во МПЦ во последно време. Не е тешко да видиме паралела во дејствијата на Грците кои по 1990 г. масовно помакедончуваа имињата на административни единици за да имаат потоа аргументи во спорат со Македонија. БПЦ тоа го направи откако Бугарија во 2007 влезе во ЕУ и веќе немаше потреба од македонското „да“ за евроинтеграцијата па започна нов курс на создавање причини за спорови и судир со Македонија – дел од таа нова линија на конфронтација се јавува и овој црковен член. Но не тоа ни е темата овде.

Важното е дека историски и правно БПЦ не може да се повика на средновековните цркви, а ниту на Охридската архиепископија и на оној дел од нејзината титула која ја правел архиепископија „на цела Бугарија“. „Цела Бугарија“ во која од денешна Бугарија влегувала само Софија, а за сметка на тоа внатре биле половина Албанија и цела Србија барабар со Белград. А што да кажеме пак за тоа дека мнозинството од луѓето што живееле на територијата на денешна Р Македонија во крајот на 19 в. гласале да ја напуштат патријаршијата и да се присоединат кон Егзархијата? Тоа навистина й дава извесна предност на Егзархијата пред Патријаршијата, но не и наспроти МПЦ. Зашто ако народот имал право да избере меѓу две цркви во 19 в. (што во многу аспекти било избор на помало зло) тој секако имал и го има правото да избере под која црква да е во 21 в. И тој тоа го има направено и тоа е темелот на МПЦ – гласот на народот на верните. И таа одлуките на православните императори и римските папи од времето кога последните биле православни му одредуваат на нашиот простор автономија или автокефалија и на никој начин не го вклучуваат или потчинуваат на Цариград. Тоа се солунските егзархат, Јустинијана Прима и Охридската архиепископија, кои биле независни од Цариград. Автокефалноста и независноста од Цариград на последната биле несомнени од фактот што поглаварот се поставувал од императорот (како што се правело и со патријархот), епископите се поставувале од самата архиепископија, а пак патријархот немал никакво право да одлучува и да се меша во границите на Охридската диецеза. Во наредните векови оваа архиепископија ќе претендира дека се јавува наследник на папите во црквата и дека има право да носи титула патријаршија. Се додека во 1767 г. истата не беше укината со одлука на султан Мустафа III и нејзините епархии не беа дадени на од истиот султан на Цариградската патријаршија.

И така пред нас стои важно прашање

Дали одлуките на султан Мустафа III кој ја поништија Охридската архиепископија, во 1767 г. и ги даде епархиите на Цариградската патријаршија, или одлуката во 1870 г. на Абдул Азис, кој ја создаде Егзархијата се правосилни? Зашто ако се – тогаш апсолутно истата и дури поголема правна тежина имаат и решенијата на македонската влада и народно собрание и тогаш МПЦ е исто толку правилно основана колку и Егзархијата. Ако пак светска и особено нехристијанска власт немаат право да одлучуваат тогаш ниту Цариградската црква, ниту Егзархијата и од таму и БПЦ, а ниту пак СПЦ имаат било какво право врз епархиите во Македонија. Напротив одлуката за укинување на Охридската архиепископија тогаш е невалидна и треба да се смета дека таа црква никогаш правно не прекинувала да постои и според тоа нема потреба од некакво специјално признавање, мамување или бабување. Ако султанските одлуки немаат сила тогаш во сила се одлуките на православните императори и собори и на единствената историска мајка – православната римска црква што неизбежно води кон правото на постоење на автокефална Охридската архиепископија.

Правото и моралот

Да го оставиме настрана правото и историјата и да позборуваме за моралното право. Доколку имаат право да претендираат да управуваат со христијанскиот живот во Македонија хиерархии на цркви кои во 19 и 20 в. извршиле бројни злодела вклучително убиства, насилства, мини-војни за цркви, забрани за погребувања и исфрлање на погребаните, сеење омраза против други православни, насадување соблазна меѓу народот служејќи како средство за достигнување на национални цели, реализирање државни политики и спроведување социјален инжинеринг. Ниту Егзархијата, ниту српската а ниту цариградската црква можат со нешто да се пофалат зашто и трите паднаа од високата позиција што ја имаа и во Македонија дојдоа како национални соблазнители, земајќи го телото Христово (црквата) и го распарчуваа (или распнуваа ако сакате) на националните трпези на кои се цанија измеќари. Дали ќе биде претерано ако се каже, парафразирајќи го апостолот, дека тие во Македонија го земаа телото Христово за да го претворат во тело на блудница? Тие сите успеаја на еден или друг начин да се докажат како лоши маќеи за христијаните во Македонија, зашто паднаа на соломоновскиот мајчин испит. Онаа од нив што е мајка требаше да се откаже од своето право само и само да се сочува целоста и здравјето на „детето“. Вистинската мајка тоа го направила на Соломоновскиот суд, но ниту една од трите цркви не само што не го направила, туку и сеуште не сака да помисли да го направи. Ниту една од нив ниту има сфатено какви гревови и соблазна направила, нема направено покајание, та дури и се нема извинето на христијаните во Македонија. Наместо тие да се покајат слушаме дека истите настојуваат нивната жртва – православниот народ во Македонија и неговата црква да се кае, кога реално ништо им нема направено, освен што сака да се куртулиса од нив. СПЦ ги држи под шизма христијаните во Македонија притоа понекогаш не криејќи го убедувањето дека така им се попречува спасот. Т.е. оди во пеколот ако не сакаш јас да командувам со тебе. А БПЦ? Која мајка би го оставила своето дете да го злоставуваат и малтретираат без да го заштити, без прст да мрдне за него? И на крај уште претендираат за мајчински права?!
Наспроти отсуството на покајание нивните апетити се сосема живи и очигледни.

Српскиот патријарх при својата посета во Косово ја одреди улогата на СПЦ, како обединител на српството. И потоа има лице да бара МПЦ да биде под СПЦ! И наместо да ги продолжат преговорите со МПЦ создадоа своја паралелна хиерархија во Македонија и предизвикаа вистински, а не само административен раскол! А што допринесе грчката црква во процесот на прифаќање на МПЦ, освен да го отежни истиот поставувајќи нецрковно барање преку СПЦ, а имено да нема „македонска“ во името на МПЦ? Кому точно му служеше таа во тој момент – на Бога, на ближните или на грчкиот национализам? А БПЦ пак не само не помогна сите овие години, но дури во 2008 г. побрза да го узурпира наследството на Охридската архиепископија за да создаде уште еден можен правен проблем пред МПЦ? Та која мајка постапува како нив? И со такви мајки кој има потреба од други непријатели?! Та и безбожниците би се згнасиле од мајка, која се однесува како било која од овие три цркви во последните 150 години. И секој светски суд би й ги одзел на таква мајка мајчинските права, веднаш и засекогаш, и без право на жалење. А овде зборуваме за нешто што би требало да е многу подуховно, праведно и возвишено. За христијанство. Според зборовите на Господ Исус Христос: „По тоа ќе ве познаат дека сте Мои ученици, ако љубов имате меѓу себе“ (Јован 13, 35). Љубовта Христова спрема христијаните во Македонија кај овие цркви некако не можеме да ја видиме. Она што не можеме, а да на го забележиме меѓутоа е нивната себична националистичка љубов, политичка пристрасност и нехристијански цели и мотиви. Желбата да продолжат да владеат, та на моменти и желбата да не нема. Дали нивното однесување спрема христијаните во Македонија е во согласност со Духот кој животвори или според буквата која убива?

Настрана од секакви умувања и претензии јасно е дека во Македонија има христијански верен народ и црква, кои сакаат да бидат дел од Едната вселенска соборна и света црква. Нивното држење надвор преку правни и политички игри е грев и тоа тежок. Црквата не е џунгла и во неа не важи правото на посилниот. И кога очигледно мајчинска љубов нема (нормално е кога нема мајка да нема мајчинска љубов и тука нема што да се лутиме), тогаш барем братска љубов би требало да има. А оние кои си мислат дека можат преку политички игри или манипулирање со формалности да ја присилат Божјата рака да им служи на нивните долни интереси, може да ги чека само многу горчлива иднина.Некогаш во црквата гласот на народот се слушаше при изборот на црковни пастири. Тоа и никогаш неукинато право и до денес формално се практикува и изразува преку тројното потврдување на новоизбраниот архиереј со извикот – достоен. Колку пати треба верниот народ во Македонија да извика „недосотоен“ кон Белград, Атина и Софија, за да разберат таму дека нивната јерархија и власт во Македонија е несакана?

Уште малку историја

Накрај применувајќи ги не правото или моралот, туку принципот на икономија и покажувајќи спрема БПЦ и СПЦ разбирање за нивните слабости и националистички прокази (какво што разбирање тие никако да покажат спрема МПЦ), нека го разгледаме прашањето од кого се отцепи за да се создаде МПЦ. Српската црква со бугарската окупација во 1941 г. беше протерана и заменета со Егзархијата. Но откако и бугарската власт беше протерана во 1944 г., Егзархијата пак си отиде, но српските владици не беа допуштени да се вратат назад во Вардарска Македонија. Во 1944 г. во селото Врановци е создаден Иницијативен Одбор за организирање на Македонската Православна Црква, а во март 1945 година во Скопје е одржан првиот Црковно-народен собор, на кој е донесена Резолуција за обновување на Охридската Архиепископија, како Македонска православна црква. Овој Црковно-народен собир се обратил со барање до за признавање на неговите одлуки до СПЦ, со што практично ја признал истата за „црква мајка“. СПЦ меѓутоа не погледнала на тоа мајчински и го одбила таквото барање. Во меѓувреме во преговорите за дигање на шизмата и за добивање на патријаршија Бугарската егзархија во 1953 г. се откажала од сите свои претензии спрема епархиите во Македонија и со тоа доброволно се откажала од секакви претензии да биде црква-мајка за МПЦ. Преговорите со СПЦ продолжуваат до 1958 година кога во Охрид е одржан Вториот македонски Црковно-народен собор, каде што е прифатен предлогот за обнова на Свети-Климентовата Охридска Архиепископија, во лицето на самостојната Македонска православна црква, и е избран нејзиниот прв епископ Доситеј. Овој пат архиерејскиот собор на СПЦ се согласил со одлуките на Македонскиот црковно-народен собор и со две одлуки (АС. бр. 47/1959 година и 6/1959 година зап. 57 од 17/4 јуни 1959 г.) истите ги прифатил. Во согласност со црковната практика тоа прифаќање е демонстрирано со отслужување на заедничка архиерејска литургија со српскиот патријарх Герман, на 19 јули 1959 година во црквата Свети Мина во Скопје. Српската црква ги има хиротонисано (им ги има дадено епископските чинови) на првите македонски владици: Доситеј, Климент и Наум (последните двајца во 1959). СПЦ й дал самостојност на Македонската Православна Црква, со тоа што таа и понатаму останувала во канонско единство со СПЦ преку нејзиниот патријарх, кого македонскиот архиепископ го спомнувал на литургија. Во мај 1962 година, на празникот на св. Кирил и Методиј во црквата на Пресвета Богородица во Охрид е отслужена заедничка литургија на рускиот патријарх Алексеј, српскиот Герман, и архиепископот охридски и митрополит македонски Доситеј, со што де факто МПЦ е претставена и прифатена во православното семејство цркви. Меѓутоа после 1966 година СПЦ започнува да се повлекува од дадената согласност и односите повторно се влошуваат. На 19 јули 1967 година во Охрид во време на Третиот црковно-народен собор, во охридската црква на Свети Климент Охридски Македонската Православна Црква е прогласена за автокефална, 200 години после укинувањето на охридската архиепископија од султанот Мустафа. Во резултат МПЦ е ставена под шизма од СПЦ и така е до денес. Во изминатите од тогаш 50 години СПЦ не покажала волја за изнаоѓање на решение. БПЦ не презела ништо по тоа прашање. И сега која ли од овие две цркви е мајка во било која смисла на зборот? Одговорот е јасен. Овде црква мајка и нема, ниту во правна смисла, ниту во морална, ниту во христијанска, ниту во црковна, ниту во никаква. Прашањето според сето кажано пред нас е само едно. Како да се даде автокефалност на МПЦ. Не што да се прави, не дали треба, а како! И тука лежи единствената возможност за секоја една од овие цркви да стане за момент барем црква мајка. Наместо црква соблазнител Тоа може да стане само онаа од нив која ја има храброста и доблеста да йја даде автокефалноста на МПЦ. Дали некоја од нив ќе има смелоста да стане и да издржи барем за минута како црква мајка? За да може после со полно право да биде нејзина сестринска црква. Изгледа никоја од нив

Политиката и правото

Признавањето на МПЦ не е проблем на право туку на политика. Доколку БПЦ беше спремна навистина да се однесува како мајка и да преземе ризик врз себе а во корист на МПЦ, барањето на МПЦ би имало шанса. Признавањето на статут на „црква мајка“ (а се на некој треба да му се признае таков) е мала цена ако за тоа се добие автокефалност, се надмине српската блокада и се постигне евхаристичко единство со православните цркви. Со признавањето на автокефалноста престанува и статусот на црква – мајка и тие стануваат цркви – сестри. Моментот изгледаше политички погоден. Православието опстојува во моментот во состојба на тивка поделба откако половината помесни православни цркви не отидоа на црковниот собор во Крит. Оваа поделба во која „грчките“ цркви и српската се во еден табор, а руската, бугарската, грузиската, романската и антиохиската се во другиот отвара можност и за МПЦ. Особено кога БПЦ има синод составен од агенти на тоталитарните служби за безбедност во мнозинството поврзани со Русија. Затоа доколку овој потег е последица од руски план да се казни српско – грчкиот табор, тоа секако би можело да проработи. Тоа би можело да проработи исто и ако е американски план како дел од потезите за разврзување на македонскиот јазол што изгледа во моментот се во тек. И во двата варијанти има една пресечна точка – БПЦ треба да се одлучи и да ризикува признавајќи ја автокефалноста на МПЦ и ставајќи ги останатите помесни цркви пред избор. За тоа треба храброст, сила и доблест. Или инаку кажано треба ако не мајчински барем братски однос.
И тука е целиот проблем. Зашто како што изгледа после одговорот на БПЦ, целава работа не е ниту руски ниту американски план. А без таква голема поддршка не може и да се очекува било што сериозно од БПЦ, која и не е авторитетна црква во православието во последните децении. Кога се обрати до неа синодот на МПЦ заложи на куцо магаре или да се изразам по библиски – се потпре на гнила фараонска трска, која сега ризикува да й и се забие во раката. Тоа е цената на наивноста и очајот… За жал стара бугарска политичка традиција е да даваат големи зборови за Македонија, да даваат пари (или пасоши) за да „си купуваат Бугари“ (како што го кажал тоа Петар Попарсов за бугарската егзархија во 1895 г.) со задоволство да примаат се што некои ќе им даде од Македонија, или дури да ризикуваат за да земаат нешто од Македонија, но никогаш и за ништо не и да ризикуваат во корист само на Македонците. Тоа добро го изразил Алеко Константинов преку устата на Бај Гањо: „тамам сега му е времето, ама на, кураж липсва! Сега да има някой да освободи Македония, догдето е нашата партия на власт, че аз да те науча тебе какво се вика келепир. Ех, да ти пипна аз тебе солунската митница … Солунската митница! … И иди, че не бъди патриот, иди после това, че не съчувствувай на македонците… Дип добра си беше Санстефанска България, защо му трябваше да я цепи. Иди сега, че мигай на празни ясли, иди, че чакай да се усети някой да освободи Македония“. Тоа добро го знаеја и МРО и Петар Попарсов кога во 1895 укажуваше дека Бугарија за разлика од Грците со прст не сака да мрдне за Македонците, при едно востание. Тоа го видоа со свои очи Илинденци, кога Бугарија – самопрогласена мајка стоеше од страна и ладнокрвно ги гледаше пепелиштата и крвта во Македонија. И сега некои во Македонија ќе треба пак да ја учат оваа лекција. И тука можеби ќе се покаже единствената практична корист од овој потег на МПЦ – да се изобличи лицемерието на Софија.

И на крај за одговорот на БПЦ. Што одговори бугарската црква – дали реши да ризикува, дали реши да ја поддржи македонската автокефалност, дали на крај најде доблест да каже – јас не сум ви мајка барајте си го чарето? Сето тоа би било достоинствено. Ама не. Таа се почувствува на тесно. Ич не сакаше оваа кукувича мајка, да й тропне на врата ова несакано туѓо дете. Не дека не й годи титулата мајка, ама ич не и годи крстот на мајка. Сака да добие, не й да даде. Калкулира. Се почувствува како лисица во стапица и заигра на прсти за да не пропаднат 27 години бугарска пропаганда која сакаше Македонците да ги убеди дека се Бугари и Бугарија им е пријател, мајка, брат, сестра, баџанак и …. И уште нешто ги исплаши. Според балканската црковна логика постоење на самостојна црква значи постоење на самостојна нација. Еве каде лежи веројатно основниот проблем. Ниту во Софија, а ниту во Белград или Атина имаат сила да се помират со самостојна македонска национална држава. Никако да ја прифатат реалноста на македонската нација, јазик, култура. Затоа е стремежот МПЦ на секоја цена да биде потчинета, да й се смени името, затоа и ја напаѓаат како да е националистичка. Таа е всушност најмалку националистичката црква на Балканот и тоа секогаш може лесно да се докаже. Тоа што им смета на многумина меѓутоа е тоа што таа е македонска. Признавањето на МПЦ е заложник на балканските национализми, кои и те уште како владеат во црковните кругови во Софија, Атина и Белград денес, 145 години откако етнофилетизмот во црквата беше осуден како ерес. Многумина во Бугарија и не го скрија својот страв дека признавајќи ја МПЦ ја признаваат и македонската нација. А тие тоа ви никој случај не сакаат да го направат.

Затоа беше и оваа хистерија по телевизии и весници, општествени акции во Бугарија. Тие требаше од една страна да извлечат дивиденти од барањето на МПЦ, за да ги залажат уште еднаш луѓето во Бугарија дека нивната политика за бугаризација на Македонија дава плодови, а од друга – да создадат димна завеса под чија сенка да го скријат своето вистинско лице и своето несакање да помогнат. И така на крајот по една недела театро се измати решението на БПЦ: мајка – да, признавање – не. БПЦ реши да создаде комисија (во духот на Черчиловата одредба – ако сакате нешто да не се реши создајте комисија) и да посредува за МПЦ пред другите цркви како од тоа да може да има некаква корист. Така си е – делата зборуваат посилно од зборовите. Та малку ли посредници имаше досега? Зашто не особено почитуваната и слаба БПЦ ќе има повеќе влијание од руската или антиохиската црква кои се заземаа и посредуваа? И на МПЦ не й треба посредник, треба храбра црква, која да ја преземе за момент улогата на мајка и да й даде автокефалност, а не уште еден пишман адвокатин. Дури полошо. БПЦ создаде и комисија која ќе работи со МПЦ – уште една бугарска комисија која ќе поставува барања и услови, се со убавата цел „да се изнајде заемно прифатливо решение“ со нив и сите заинтересирани, а за нешто наше. Дали нема да й е малку на БПЦ статутот на привремена приемна мајка, та да побара многу повеќе. Дежавју? И што точно ќе им каже БПЦ на српската и грчките цркви та да ги кандиса? Јасно е дека ни-што. И што ли одговор ќе добие? Барем од грчките е јасно – прво договор со српската црква, потоа смена на името. И српската така. Го знаат тоа и во БПЦ. Го знаат и во МПЦ – како што добро се виде од коментарот на владиката Агатангел. Се гледа дури и во фамозната благодарност на МПЦ, која така несмасно се обиде да го прикрие разочарувањето. Бугарската црква го доби она што го бараше и возврати со … ништо. Македонците се пак излажани. Нека им е кога не се учат!

Да се надеваме дека после овој ладен бугарски туш она породено од српските опструкции прооегзархиско наивно течение во МПЦ ќе сфати во кој свет живее и кои му се комшиите. Тажно е што секоја нова македонска генерација наивно треба да ја учи се истата комшиска лекција. А од целиот овој план останува да видиме дали сепак некоја од двете закарани велесили нема да се замеша и да даде некаква каква-таква шанса на овој очајнички чекор на МПЦ. Зашто само заземањето на некој голем ѕвер може да ги натера локалните ѕверки да ги свиткаат опашките и да си седнат мадро кај што треба./www.narodnavolja.com