Почина Љубиша Георгиевски

Утрово по кусо боледување, на 81 година во Скопје почина Љубиша Георгиевски.

Љубиша Георгиевски е роден на 30 мај 1937 година во Битола. Тој е театарски и филмски режисер, драмски писател и есеист, теоретичар на театарот, беше професор по театарска режија и актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје.

Дипломирал на Академијата за театар, филм, радио и телевизија, група “Театар и радио режија”, во Белград, во 1974 година.

Како театарски режисер, има поставено преку 160 постановки во Македонија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија, Бугарија, Романија, Полска и други држави, како и четири постановки во САД. На универзитетите во Јужна Калифорнија и Тексас предавал теорија на театарот и актерска игра. Неговите претстави се играат на повеќе од десет јазици и истите гостувале ширум Европа, од кои позначајни гостувања се во Москва и Виена.

Досега има објавено десетина книги. Како филмски режисер има режирано четири филма, а како новинар има напишано преку двеста авторски колони само во дневникот “Дневник”.

Добитник е на повеќе од дваесетина награди во рамките на поранешна Југославија, како и наградата од критиката за претставата “Искушение” од Вацлав Хавел во Theater Center како најдобра претстава на театарската сезона. Неговите пиеси “Црна” и “Јованка Орлеанска” се играни со успех, а некои од нив сè уште се на репертоарот.

На претседателските избори во 1994 година Георгиевски беше претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. Од 2000 до 2004 беше вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Македонија во Бугарија. А, за периодот 2006-2008 година беше претседател на Собранието на Република Македонија.

Погребот ќе се изврши во недела на 9 декември. Искрено сочувство до семејството, Бог да го прости и нека му дари место во царството небесно каде почиваат душите на праведниците