Почнуваат Рацинови средби

Во Велес, родниот град на поетот Коста Солев Рацин, вечер започнува дводневната програма на 54. Рацинови средби. Традиционалната културна манифестација започнува во Ликовниот салон со отворање на изложба на грнчарски дела насловена „Грнчарски средби Велес 2017“, чиј промотор е Здружението на граѓани „Разбој“ од Велес.

Во негова чест припадниците на АРМ од велешкиот гарнизон ќе одекнат со Плотун и ќе му оддадат почесна стража на поетот и борец,а повеќе делегации во негова чест ќе положат букети цвеќе на еден од најпознатите македонски поети во светот со неговата стихозбирка „Бели Мугри“ отпечатена во Самобор, Хрватска во 1939 година.

На програмата е уметничкиот перформанс „Азбучарење по Рацин“, а ќе се одржи и поетски митинг. На свеченоста ќе бидат врачени и наградите: „Антологија на болката“ на Митко Апостолов и „Напиши љубов во 140 карактери“ на Марица Тренчева од Кавадарци. Рациновите средба се одржуваат со поддршка на Општина Велес и Министерството за култура.