
По повод 17-годишнината од формирањето на Македонското друштво “Илинден“-Тирана, претседателот на друштвото, Никола Ѓурѓај, лично му ја врачи Благодарницата “Илинден“ за 2026 година на Љупчо Златев, уредник на Лидер, во просториите на Радио Лидер во Скопје, Македонија.
„Ми претставуваше посебна чест, во име на Македонското друштво “Илинден“-Тирана и Македонското национално малцинство во Република Албанија, лично да му ја врачам Благодарницата „Илинден“ за 2026 година на Љупчо Златев, уредник на Лидер од Скопје“, изјави Ѓурѓај.
Благодарницата “Илинден“ ја доделува Македонското друштво “Илинден“-Тирана како признание за особен придонес во афирмацијата и поддршката на Македонското национално малцинство во Република Албанија и на активностите на друштвото.
Во образложението се истакнува дека со својата професионална работа, ангажман и посветеност во информирањето на јавноста за прашањата и предизвиците со кои се соочува Македонското национално малцинство во Република Албанија, Љупчо Златев дал значаен придонес во зачувувањето, промоцијата и унапредувањето на македонскиот национален идентитет, јазик, култура и традиција.
Од Македонското друштво “Илинден“-Тирана му ја честитаа наградата на Златев, посакувајќи му добро здравје, многу успех и уште поголеми достигнувања во неговата понатамошна професионална и општествена дејност.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden