Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорѓиа Иванов на манифестацијата „Денови на Св. Кирил и Методиј“ во Словачка

Народите без писменост неповратно исчезнале во историјата. Благодарение на светите Кирил и Методиј, Македонскиот и Словачкиот народ не само што опстанаа, туку, со својот светоглед, посебност и идентитет го збогатуваат Европскиот културен простор. Јас денес го говорам мојот мајчин македонски јазик исто како што вие го говорите вашиот милозвучен словачки јазик благодарение на светите Кирил и Методиј, порача Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на традиционалната манифестацијата „Денови на Св. Кирил и Методиј” што се одржува во Терхова, Република Словачка.

Денот на Сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј – 5 Јули, Словачката Република го прославува како државен празник. Годинешната манифестација „Денови на Св. Кирил и Методиј”, во чии рамки се организираат повеќе културно-историски и духовни настани, е посветена на десетгодишнината од основањето на Епархијата на Жилина, чии заштитници се Св. Кирил и Методиј. Говорејќи за светите браќа, македонскиот претседател посочи дека тие не се само словенски апостоли, туку и копокровители и патрони на цела Европа, без кои Европа ќе беше духовно, културно и цивилизациски сиромашна.

Пред 12 века, врз основа на старословенскиот говор од Македонија, тие ја составиле азбуката наречена глаголица. Со глаголицата, тие го трансформирале старословенскиот јазик во првиот пишан јазик на словенските земји. А потоа, со тој пишан јазик успеале да го ослободат огромниот духовен, интелектуален, културен и креативен потенцијал на словенските народи, рече претседателот Иванов во обраќањето. Претседателот Иванов истакна дека светите браќа Кирил и Методиј оставија комуникациски код што поврзува не само генерации, туку и цели народи и држави.

Код низ кој продолжуваме да ги градиме и унапредуваме одличните билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Словачка, онака, како што им доликува на пријателски држави и народи, порача македонскиот претседател.

Во рамки на одбелжувањето, претседателот Иванов присуствуваше и на свечена литургија во катедралата Св. Кирил и Методиј – Брдо Оравцове, што претставува најголем храм во Словачката Република посветен на Сесловенските просветители. Во рамки на манифестацијата на претседателот Иванов му беше врачено признание од општината Терхова. Терхова во Жилина, е местото каде што во древната Велика Моравија, Светите Кирил и Методиј ја извршиле својата четврта просветителска мисија.

За време на престојот во Словачката Република, претседателот Иванов оствари средби со градоначалникот на Општина Терхова, г. Јозеф Давидик, со претседателката на Жилинскиот самоуправен регион, г-ѓа Ерика Јуринова и со Бискупот на Нитра, Мон. Вилјам Јудак.

Advertisement