Претседателот на Република Македонија учестува на Самитот за Климатски промени COP24 во Полска

Како претседател на Република Македонија, имам чест прв да Ви се обратам на моето последно учество на Конференцијата на Страните. Во последните десет години бев сведок на високи очекувања и големи разочарувања, на големи препреки и на уште поголема решителност на грст луѓе, едно глобално креативно малцинство, коешто беше одлучно да нѐ доведе нас, креаторите на политики и носителите на одлуки во Париз. Таму откривме дека Париз е само почетокот на една долга трка која ќе ја одреди судбината на човештвото. Со нивната заразна страст, ни помогнаа да погледнеме над баналните приоритети на наредните избори, кон суштинските потреби на оваа и на наредните генерации.

Веќе не учествуваме во трката за да победиме, туку за да преживееме како човечки вид. Тркајќи се со глобалното затоплување, мора тековно да се обучуваме и да учиме затоа што времето ни истекува. Мора да темелно да го промениме нашиот начин на живеење, производство, потрошувачка и развој. Треба да го замениме себичниот косумеризам со филозофија на споделување. Без вечна моралност, ќе имаме минливо човештво. Само со промена на навиките на нашите срца ќе започнеме да го менуваме срцето на неодржливиот глобален енергетски систем.

PRM_cop_02

Република Македонија во континуитет го усогласува начинот на известување со стандардите на Европската унија. Го менуваме начинот на кој се изготвуваат и ревидираат стратегиите, политиките и законите – со транспарентно и широко учество на сите засегнати страни. Но, дури ни тоа не е доволно. Додека говорам тука, многу мои сограѓани дишат воздух кој е еден од најзагадените во Европа. Патеката е тесна и мора да ги збиеме редовите. Мора да воспоставиме круг на доверба меѓу политичарите, научниците, претприемачите, наставниците и активистите, затоа што не се натпреваруваме еден против друг, туку заедно како тим. Енергетскиот сектор, земјоделството, транспортот и градежништвото треба да го земат глобалното затоплување предвид. Ова е неопходно за здравјето на луѓето, особено за најранливите категории. Следствено, нашата трајна заложба мора да биде зелен раст и развој и помали јаглеродни емисии. Но, тоа ќе биде возможно само ако создадеме зелени работни места. Затоа, ја поддржуваме Шлезиската декларација за солидарност и праведна транзиција која се однесува на преквалификацијата на работната сила.

Очекуваме дека COP24 ќе ги постави општите правила за следење на напредокот на земјите при спроведувањето на Парискиот договор. Упатствата мора да се јасни, сеопфатни, но исто така доволно флексибилни со цел секоја земја да прави свои проценки и да известува за својот напредок кон глобалната цел. Република Македонија припаѓа на еден од најранливите региони во светот по прашањето на климатските промени. Покрај правилата за ублажување на климатските промени, одлуките за климатските промени би требало да опфатат и адаптација на засегнатите сектори. Мора да постои еднаквост меѓу ублажувањето и адаптацијата. Ова е особено важно во контекстот на финансиите. Република Македонија останува посветена на овие заложби. Мора да ја трчаме трката не за да победиме, туку за да преживееме. Не за нас, туку за идните генерации.

PRM_cop_03