Претседателот Република Македонија во рамки на посетата на Светиот Престол имаше аудиенција кај Поглаварот на Римокатоличката црква Папата Франциск

Унапредување на соработката меѓу Република Македонија и Државата Ватикан, предизвиците од мигрантската криза и предизвиците со кои се соочува христијанството во Светот биле темите на разговор на денешните средби на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов со Поглаварот на Римокатоличката црква, Неговата светост Папата Франциск и со државниот секретар на Светиот Престол, кардиналот Пјетро Паролин

Папата Франциск пројави интерес за состојбите во нашиот регион, за состојбите со беглаците и за сето она што се случува во нашето опкружување , изразувајќи загриженост за сите прогони на христијаните за страдањата што постојат, за она што се случува денеска во Светот, изјави претседателот Иванов по аудиенцијата кај поглаварот на Римокатоличката црква, неговата светост папата Франциск.

Претседателот Иванов изјави дека е неопходно Папата Франциск да придонесува кон подигање на надежта на луѓето со цел полесно справување со предизвиците во 21 век и како човечка цивилизација да влеземе во период на нормалност. Претседателот Иванов му заблагодари на Папата за интересот и грижата за Македонија, што Неговата Светост ја искажа во молитивите. На средбите во Ватикан, било разговарано и за актуелната состојба со бранот мигранти што ја погодува Италија, како и предизвиците од мигрантската криза со кои се соочува Македонија.

Потенцирав дека покрај хуманитарниот имаме и безбедносен проблем на мигрантската криза, што е одговорност на самите држави. Затоа Македонија прави се за да придонесува за спречување на сите закани кои доаѓаат со овие бранови на бегалци. Затоа што, како што на боиштата во Ирак и Сирија, ИСИЛ ги губи своите позиции, тие ќе ги користат мигрантските бранови за да се дојдат во Европа, изјави претседателот Иванов, додавајќи дека последните настани во Манчестер укажуваат на последиците на кои ќе бидеме изложени.

На средбата со државниот секретар, кардиналот Пјетро Паролин, претседателот Иванов изјави дека било разговарано за можностите за унапредување на соработката меѓу Република Македонија и Ватикан и било иницирано прашањето за подигнување на нивото на дипломатското претставување на Светиот Престол, преку отворање на Нунцијатура во Македонија.

Со средбите со папата Франциск и кардиналот Паролин, претседателот Иванов ја заокружи работната посета на Државата Ватикан. Во рамки на манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил”, македонскиот претседател вчера ја посети базиликата „Свети Климент” во Рим каде положи венец на гробот на Св. Кирил. Македонскиот претседател ја посети и базиликата „Санта Марија Маџоре”, каде на негова иницијата во знак на благодарност од името на целиот македонски народ во 2015 година беше поставена спомен плоча на македонски јазик во чест на словенските просветители, браќата Св. Кирил и Методиј. Иванов ја посети и базиликата „Сан Паоло”, каде положи цвеќе на гробот на апостолот Св. Павле.

Advertisement