Промовирана книгата „Дебар и Дебарско низ историјата“

Книгата „Дебар и Дебарско низ историјата“ од авторот Ѓорѓи Илиевски, вчера беше промовирана во просториите на Филозофскиот факултет во Скопје, Македонија. Делото претставува своевиден историски потсетник на случувањата во Дебар и Дебарско, пренесени преку едно лично видување на авторот, чии корени се токму од овој крај.  Човек кога има мотив, може и знае да направи труд што остава белег за своето и битисувањето на другите – истакна, меѓу другото, Ванчо Ѓорѓиев, еден од рецензентите на книгата.

Тој нагласи дека трудот не е приказна со строг историски след, туку му се дава посебен авторски пристап што ја прави неговата вредност поголема. Ова дело е сведоштво за повеќе нешта, но најмногу за љубовта кон сопствената заедница – вели Ѓоко Ѓорѓевски, рецензент. Според него, во ова дело имаме една историска репортажа што успева читателот да го наврати низ времето.

Овој момент за мене е многу значаен, затоа што она што го носев во душата како аманет да го напишам, успеав да го напишам. Без историско минато, ние немаме иднина – истакна Ѓорѓи Илиевски, автор на книгата „Дебар и Дебарско низ историјата“. Тој додава дека со издавањето на книгата му се исполнило, како што рече, она што долги години му лежело на душата. Издавач на книгата „Дебар и Дебарско низ историјата“ е Меѓународниот центар за славјанска просвета при Славјанскиот универзитет.