Рускиот интернационалец Максим Максимов потпиш за Вардар

Вардар денеска доби нов играч во своите редови. Рускиот интернационалец 21-годишниот Максим Максимов потпиша три-годишен договор со нашиот клуб. Максимов доаѓа од литванскиот клуб Тракаи, за кој оваа сезона постигна седум гола во квалификациите на Лигата на Европа.

„Знам за Вардар дека е голем клуб и дека во последните години е редовен шампион на Македонија. Клубот секогаш оди на титула, на највисок пласман, а оваа година стигна и до најголемиот успех во историјата со пласманот во групната фаза од Лигата на шампионите. Од оваа сезона очекувам да ја одбраниме титулата во првенството, да освоиме што е можно повеќе бодови во групата во Лигата на Европа, зошто да не и да продолжиме понатаму во следната фаза“, истакна Максимов за офиицијалната страница на Вардар.

Максимов посакува да ја продолжи својата голгетерска форма и во новиот клуб и да постигне што е можно повеќе голови.

„Ова за мене е нов предизвик, поинаков од досегашните. Вардар е добра можност да ги покажам моите квалитети, да ги покажам моите амбиции. Се надевам дека ќе ја продолжам мојата форма и дека ќе продолжам да давам голови и во дресот на Вардар, кои ќе му донесат успех на тимот. Верувам дека брзо ќе се адаптирам во новата средина. Знам дека има неколку фудбалери во екипата кои што зборуваат руски јазик, и верувам дека ќе ми помогнат за да се прилагодам во новиот клуб, а јас на секој тренинг и на секој натпревар ќе давам максимум за да ја оправдам довербата“, рече Максимов.

Максимов е роден во 1995 година во Воронеж. Првите фудбалски чекори ги почнува во фудбалската школа на својот роден град, а потоа преку рускиот тим Факел, заминува во Литванија во тимовите на Атлантас и Тракаи.

ФК Вардар на Максимов му посакува успешен почеток во дресот на Вардар, многу голови, победи, многу радости и освоени титули.

Advertisement