Шпанската влада закажа седница за укинување на автономијата на Каталонија 

Шпанската влада закажа вонредна седница за 21 октомври на која треба да се активира постапката за укинување на автономијата на Каталонија, откако каталонските лидери се заканија дека ќе прогласат независност. Кабинетот на премиерот Маријано Рахој денеска соопшти дека владата ќе разговара за активирање на членот 155 од Уставот, кој му дозволува на Мадрид да ја преземе директната контрола врз регионите кои не ги почитуваат законските обврски. Владата потоа треба да ги предложи мерките што планира да ги преземе на гласање пред шпанскиот Сенат.

Денеска истекува рокот што шпанската влада му го даде на каталонскиот претседател Карлес Пуџдемон да одговори дали прогласил независност или не. Тој предупреди дека каталонскиот парламент ќе гласа за отцепување од Шпанија ако Мадрид „продолжи со репресијата“.По спорниот референдум одржан на 1 октомври, Пуџдемон ја потпиша декларацијата за независност на Каталонија, но веднаш потоа ја суспендираше за да даде време за преговори со Мадрид. Регионалните власти велат дека 90 отсто од нив гласале за независност и оти резултатите се важечки. Централните власти во Мадрид го прогласија референдумот за нелегален.

Advertisement