Советот на Европа ќе следи дали здружението ОМО Илинден ќе биде регистрирано во Бугарија

Комитетот на министри на Советот на Европа кој заседваше на ниво на заменици, на состанокот посветен на почитувањето и спроведувањето на пресудите донесени од Европскиот суд за човекови права, одлучи и понатаму да го следи случајот со регистрацијата на ОМО Илинден од властите на Бугарија.

Комитетот на министрите на Советот на Европа, во одлуката објавена денес, најнапред изразува длабока загриженост во врска со фактот дека по првата пресуда која стана правосилна во 2006-та година, на здружението ОМО Илинден три пати му беше одбиено барањето за регистрација, со образложение чии делови беа веќе критикувани од страна на Европскиот суд.

Претставниците на владите на 47-те земји членки, сметаат дека оваа ситуација ја покажува важноста за бугарските власти да се грижат за да се обезбеди и преземат сите неопходни мерки за секе идно барање за регистрација на ОМО Илинден, поднесено во рамките на новата процедура за административна регистрација на здруженија, која ќе стапи на сила на 1-ви јануари 2018-та година, да биде разгледано во целосна согласност со барањата од членот 11 од Конвенцијата за човекови права, член кој се однесува на слободата на собирање и здружување.

Во овој контекст, земајќи ги во предвид дополнителните информации во врска со оваа нова процедура за регистрација, Комитетот на министрите на Советот на Европа ги повика бугарските властите, да усвојат дополнителни мерки за одредување на степенот на контрола на законитоста на барањето за регистрација, особено во однос на делот со кој се оценува целта на здруженијата.

Властите од Софија се охрабрени да продолжат да преземаат мерки за да се подигне свеста на функционерите одговорни за регистрација и на надлежните судови во рамките на новиот механизам за регистрација. На крајот, Комитетот на министрите на Советот на Европа потсетува на неговото барање за добивање на регулаторните акти за спроведувањето на новиот механизам за регистрација, и притоа одлучи да продолжии понатаму со разгледување на оваа група на предмети, на состанокот закажан за во јуни 2018-та година.