СМК: 10 август 1913 година е ден на семакедонското помирување и обединување

 

На 10 август 1913 година, пред 104 години, во Букурешт, Романија, завојуваните страни во Првата и Втората Балканска војна 1912-1913 година, потпишаа мировен договор, познат како Букурешки мировен договор, со кој се санкционира поделбата на Македонија и Македонскиот народ меѓу Бугарија, Србија и Грција, и Албанија.

На Меѓународната конференција во Букурешт од 28 јули до 10 август 1913 година, насилно е поделена и распарчена етно-историската територија на Македонскиот народ меѓу сојузничките земји: Грција приграби и окупира 34.869 км2 познат како Егејски или Беломорски дел на Македонија, Бугарија приграби и окупира 6.729 км2 познат како Пирински дел на Македонија), Србија проиграби и окупира 25.744 км2 познат како Вардарскиот дел на Македонија), а околу 800 км2 останаа под окупација и јурисдикција на Албанија, областите Голо Брдо, Мала Преспа, Гора, Врник.

Балканските војни ја сменија гео-политичката и етно-историската карта на Македонија и на Македонскиот народ. Со Балканските војни врз Македонија е извршена окупација, а врз Македонскиот народ е извршен геноцид кој се’ уште трае и до денес! Балканските војни и Првата Светска Војна за Македонскиот народ се оклупаторски војни, а земјите учеснички во овие војни се окупатори врз Македонија и Македонците! И во дваесет и првиот век, и Грција и Бугарија, иако се членки на Европската Унија, не ги признаваат Македонците и Македонскиот народ во целина.

За жал, антимакедонизмот на Грција и Бугарија, грчкиот и бугарскиот геноцид врз Македонскиот народ, наци-фашистичкото барање на Грција за промена на името на државата Македонија и наци-фашистичкото барање на Бугарија за промена на јазикот, културата и историјата на Македонскиот народ, се вредност за солидарност на Брисел и Стразбур со Атина и Софија.

Во знак на помен и спомен на поделбата, окупацијата врз Македонија и геноцидот врз Македонскиот народ, во знак на помен и спомен на жртвите на Македонскиот народ во Балканските војни 1912-1913 година, а врз основа на одлука на Четвртото Собрание на Светскиот Македонски Конгрес за Европа одржано на 25 април 1998 година во Ремшајд, СР Германија, Шестото Генерално Собрание на Светскиот Македонски Конгрес одржано на 8 август 1998 година во Скопје, Македонија, го прогласи 10 август за СВЕТСКИ ДЕН НА СЕМАКЕДОНСКОТО ПОМИРУВАЊЕ И ОБЕДИНУВАЊЕ!

Светскиот Ден на семакедонското помирување и обединување треба да го одбележуваат Македонците во целиот свет со академии, комеморации, панихиди, помени, полагање цвеќе на паметници и споменици.

На Светскиот Ден на семакедонското помирување и обединување Македонците треба да ја шират вистината за Македонија и за Македонците, заради последиците од врховизмот и колаборационизмот Македонците да си подадат рака на семакедонско помирување и обединување!

Се разбира, макотрпен е но неизбежен процесот на семакедонското помирување и обединување, затоа што со сите разлики меѓу нас Македонците, само Македонија е нашиот единствен заеднички именител, само Македонија е нашиот единствен заеднички содржател!

Светскиот Македонски Конгрес подава рака на семакедонско помирување и обединување во единствен Светски Македонски Конгрес, како неформален Светски Парламент на Македонците од сите делови на Македонија и во целиот свет, затоа што заедно сме посилни, а силата е во единството!

Advertisement