Светскиот Македонски Конгрес бара аболиција за Едмонд Темелко

Светскиот Македонски Конгрес (СМК) најостро го осудува обвинителниот акт во случајот “Титаник“ на Специјалното јавно обвинителство за “повреда на избирачкото право и на слободата на определување на избирачите во 2012 година“, против Едмонд Темелко, градоначалник на општина Пустец во соседна Република Албанија. СМК најостро ја осудува и одлуката на Апелациониот суд во Скопје за одбивање на жалбата на Едмонд Темелко, и одлуката да му биде одземен пасошот и во Судот да се јавува еднаш неделно.

Специјалното јавно обвинителство и Судот морале да ги ценат околностите, здравствената состојба на Едмонд Темелко, дека има оформено потесно семејство, женет е и татко на две деца, како и тоа дека е член на советот на округот Корча и градоначалник на општина Пустец во Албанија. СМК верува дека Специјалното јавно обвинителство и Судот постапиле спротивно на Устав и Закон, несвесни за последиците од нивните непримерни мерки по националните и државните интереси.

СМК верува дека Едмонд Темелко не е виновен за никакви сторени изборни измами во 2012 година и заради заштита на неговиот интегритет и достоинство, од Претседателот на Република Македонија бара да изрече итна и безусловна мерка аболиција, односно ослободување од обвинение за вина, како и да престанат сите понижувања и последици по него и по Македонците во Република Албанија!

СМК потсетува дека Едмонд Темелко ја ужива довербата на Македонците во Албанија за градоначалник на општина Пустец во три мандати и е најзаслужен за унапредувањето на положбата и правата на Македонците на целата територија на Република Албанија! Едмонд Темелко ја ужива довербата на Македонците во Републиката и во светот! СМК изразува жалење, бидејќи Едмонд Темелко е жртва на политички реваншизам и колатерална штета од односите меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ!

Advertisement