Унгарија посакува ЕУ наредното лето да ги започне преговорите за членство со Македонија 

Унгарскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Петер Сијарто во говорот што го одржа на една конференција изнесе проценки во врска со процесот на евроатлантска интеграција на земјите од Западен Балкан.

Сијарто истакна дека неговата земја посакува Европската унија на почетокот на наредното лето да ги започне преговорите за членство со Македонија. Велејќи дека забрзувањето на процесот на евроатлантска интеграција на земјите од Западен Балкан ќе придонесе за безбедноста и стабилноста на наведените земји, Сијарто рече: „Затоа, со задоволство го дочекуваме тоа што Македонија е многу блиска до членството во НАТО. Освен тоа посакуваме ЕУ наредното лето да ги започне преговорите за членство со Македонија.“

Петер Сијарто им честита на Србија и Црна Гора како земји кои ги продолжуваат пристапните преговори и отвараат нови поглавја со ЕУ, а воедно напомена дека неговата земја чувствува задоволство од чекорите кои што ги фрла и Босна и Херцеговина на патот за членство во НАТО.

Привлекувајќи внимание кон тоа дека неговата земја дава поддршка по секое прашање за воспоставување на безбедноста во земјите од Западен Балкан, унгарскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Петер Сијарто потсети дека Унгарија во склопот на Мировните сили на ЕУ во Босна и Херцеговина (ЕУФОР) учествува со 160 свои војници, а во склопот на НАТО на Косово располага со 392 војници.