Викендов искачување на Титов Врв

Планинарскиот клуб „Љуботен“ од Тетово по 36-ти пат претстојниов викенд ќе го организира традиционалното искачување „Титов Врв“. Како што информираа од планинарскиот клуб на денешната прес-конференција во Тетово, настанот што традиционално се организира последниот викенд во мај е дел од прославата по повод „Денот на Европа“, организирана од Канцеларијата на ЕУ во Скопје, а годинашното мото на искачувањето е Планинскиот цвет и пластичниот смет не одат заедно! Да ја зачуваме животната средина за поздрава иднина!.

Според досегашните најави, организаторите очекуваат на највисокиот врв на Шар Планина Титов Врв со надморска висичина од 2.747 метри да се искачат над 800 планинари од Македонија, Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Албанија, Хрватска и Словенија.

Активностите започнуваат во сабота кога на Попова Шапка се очекува да пристигнат најголем дел од пријавените гости додека свеченото отворање на меѓународната планинарска манифестација Титов Врв 2017 се закажано за 19 часот во хотелот Славија. Истата вечер ќе се одржи и состанокот со водачите на екипите за детално објаснување околу условите за искачување. Тоа ќе се рализира во недела со почеток од 6 часот и 30 минути кога колоната треба да тргне од пред платото на хотелот Попова Шапка кон врвот.

ПК Љуботен е формиран во 1925 година и е најстар активен планинарски клуб во Македонија. Во досегашните 35 изданија на оваа манифестација околу 23 илјади планинари од Македонија и странство се искачиле на Титов Врв.

Advertisement