Бугарија со уцени пред да преземе претседавањето со ЕУ

Пред Бугарија да го преземе претседавањето со ЕУ, претставници на ЕК во Софија вршат притисок за зголемување на темпото на подготовките и за поголема стручност. Ќе одговори ли Софија на задачата како што треба? Бугарија го презема претседавањето со ЕУ во тежок момент за Унијата: преговори за Брегзит, дебати за заедничка бегалска и миграциска политика, подготовки за финансиската рамка од 2020 година.  Притоа, Софија доцни со подготовките. Поради Брегзит, претседавањето на Бугарија е поместено за половина година понапред, а новите избори во земјата пролетоска ја одолговлекоа работата за неколку месеци.

Поради тоа, Европската Комисија е загрижена. Се очекува претставниците на ЕК кои денеска се во Софија да вршат притисок за забрзување на подготовките и поголема стручност. Дури, не се исклучува ниту „во обланда завиткана“ опомена за Бојко Борисов и неговата влада. Зашто, додека западните набљудувачи алармираат, дискусијата во Бугарија за претседавањето со ЕУ е сведена на теми од втор ранг, како логистичката подготовка.

Даниел Кадик, раководител на проекти за ЈИЕ во фондацијата „Фридрих Науман за слободата“, пишува: „Корупција, лошо менаџирање, брејн-дрејн, најсиромашна земја во Европа. Тоа се поимите кои се поврзуваат со Бугарија. Претседателството со ЕУ е голема шанса за промена на ваквиот поглед кон земјата. Шанса која, како што изгледа, ќе пропадне. Бугарија првпат ќе преземе претседателство со Унијата, а подготовките заостануваат многу. Така политиката и администрацијата во државата ја потврдуваат негативната слика што граѓаните ја имаат за нив.“

Надлежната министерка Лилијана Павлова, се разбира, на работите гледа поинаку: „Подготовките течат како на највисоко политичко ниво на владата, така и на ниво на 1500 соработници и експерти. Сите се обучени, дури и министрите“, вели таа во интервју за ДВ. Павлова ги набројува и трите тежишта на бугарското претседателство, познати како „трите К“: консензус, конкуренција и кохезија. Консензус треба да се бара пред сѐ во делот на безбедноста, треба да се гради кохезија или заедништво во ЕУ за надминување на големите економски разлики во Унијата.

Западниот Балкан како главна тема

Освен тоа, Бугарија сака во фокусот на своето претседавање со ЕУ да го стави Западниот Балкан. „Сакаме јасна и конкретна визија и развој на јасен акциски план, без лажни ветувања, без лажни надежи, туку со добра перспектива.“ Интеграцијата на Западниот Балкан во ЕУ е недвосмислено од интерес за Бугарија. Западнобалканските држави се наоѓаат меѓу Бугарија и Западна Европа и се важни за бугарската трговија, сообраќајот и безбедноста. Дали претседателството со ЕУ треба да се концентрира повеќе на националните или на заедничките еврпски интереси? На ова прашање, кое си го поставува и Брисел, министерката одговара многу неопределено.

Проблем за Бугарија претставува и учеството на ултранационалистите во владата, вели Даниел Кадик. „Познати ксенофоби, националисти и протекционисти стануваат претседатели на различни совети. Така, на пример, вицепремиерот Валери Симеонов не ја крие својата омраза кон малцинствата во Бугарија, Ромите јавно ги нарекува ‘диви мајмуни’.“

Приклучувањето на Бугарија кон Шенгенскиот простор и во еврозоната се двете теми кои се однесуваат директно на државата, а кои Софија сака да ги стави на дневен ред за време на претседателството со ЕУ. Набљудувачите сметаат дека членството во Шенген не е спорно, додека приклучувањето кон еврозоната сѐ уште не е на дневен ред. Бугарија има добри економски показатели, но во еврозоната нема многу поддржувачи./www.dw.com

Advertisement