„Денови на македонската зимница“ ќе се одржат во Руската Федерација

 

 

„Денови на македонската зимница“ ќе се одржат во Москва, во Руската Федерација, од 26 до 28 март 2018 година.Манифестацијата ја организираа Македонско-руската стопанска комора и Македонската асоцијација на преработувачи, а со финансиска поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија. Македонските преработувачи на зеленчук и овошје ќе ги изложат своите производи за дегустација од страна на менаџерите на трговските синџири од Руската Федерација и земјите од Евроазиската Унија. Најголемиот интерес се очекува да предизвика ајварот, но промоција ќе биде направена и за останати производи – пиперки со урда, корнишони, гамби, лутеница, слатка и пекмези од овошја кои во Македонија ги има во изобилство. Манифестацијата ќе се оддржи во огромниот комплекс „Фуд сити“ во Москва, а настапуваат пет македонски компании: „Вори“ и „Випро“ од Гевгелија, „Ларс“ од Штип, „Дим комерц“ од Нов Дојран и „Аграр Ко“ од Кочани.

Контактите со руските увозници ќе им помогне на македонските преработувачи навремено да го испланираат претстојниот годинашен откуп на свежи земјоделски производи и преработувачките количини, но истовремено ја отвара и вратата за поголемо присаство и на останатите македонски производители. Пред  средбите меѓу македонските и  руските и бизнисмените од Казахстан, Ерменија и Грузија, на деловните луѓе  ќе им се обратат извршните директори на Македонско руската стопанска комора и Македонската асоцијација на преработувачи и генералниот директор на „Македонски дом“, компанија која во Москва е формира за поттикнување на македонскиот извоз во Русија.

На промоцијата ќе присуствуваат и претставници на Стопанската комора на Руската Федерација, на Стопанската комора на Москва, двете најголеми деловни асоцијации во Русија со кои Македонско руската стопанска комора има партнерски односи, како и претставници на Евроазискиот деловен сојуз. На првиот ден од престојот во Руската Федерација (26 март 2018 година), македонските бизнисмени ќе посетат неколку големи трговски маркети во главниот град на Руската Федерација со цел да се запознаат со асортиманот, начинот и основните услови кои треба да ги имаат производите за да се најдат на рака на руските потрошувачи.