Директор на Агенцијата за цивилно воздухопловство на Македонија на посета во Албанија

На 11 јануари 2018 година, во Тирана, Република Албанија, се одржа работен состанок на директорите на цивилните агенции на Македонија, Албанија, Црна Гора и Косово, како континуитет на успешната соработка која во изминативе години ја бележат воздухопловните власти од регионот, која резултираше со низа потпишани Меморандуми за соработка, конципирани во повеќе сфери на цивилното воздухопловство.

На состанокот, меѓудругото, колегите на цивилните воздухопловства на Албанија, Косово и Црна Гора, на директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство на Република Македонија, Горан Јандреоски, му оддадоа признание за  постигнатиот прогрес во подобрувањето на ефективната имплементација на стандардите и препорачаните практики на ИКАО, за што Агенцијата за цивилно воздухопловство минатата година доби и Сертификат, Од Претседателот на Советото на ИКАО.

Во тој контекст, Јандреоски, изрази целосна подготвеност, Агенцијата за цивилно воздухопловство на Република Македонија,  да им го пренесе своето искуство, знаење на колегите од агенциите во регионот, преку помош и експертиза, во делот на ревизијата на ефективната имплементација на стандардите и препорачаните практики на ИКАО. На маргините на состанокот, учесниците уште еднаш ги потврдија стратешките придобивките од регионалната соработка на воздухопловните власти, во сферата на безбедноста и сигурноста во воздушниот сообраќај, но и во делот на правата на патниците, како врвни приоритети во креирањето европски профилиран воздушен транспорт на задоволство на воздухопловната индустрија, но и на патувачката јавност.

Четворицата директори, едновремено се заложија и за, продлабочување на понатамошната соработка при практичната имплементација на проектот One stop Security regime project, при размената на позитивното искуство на македонската АЦВ при ревизијата на ИКАО стандардите, како и при помошта за планирањето и имплементацијата на SSP од икусниот тим на косовската агенција за цивилно воздухопловство

Регионалниот состанок на генералните директори на Агенциите за цивилно воздухопловство во Тирана, уште еднаш ги потврди, серијата предизвици и можности со кои се соочува регионот, во областа на цивилното воздухопловство, но и ги потенцираше духот на добрата волја и заедничките интереси како предуслови за ефикасно извршување на обврските кои произлегуваат од надлежностите на регулаторните тела на цивилните воздухопловства на земјите од регионот.