Инаугуративен чартер лет Катовице-Охрид со полски туристи

Се инаугурира првиот чартер лет со полски туристи на релација Катовице-Охрид во рамки на првата целосна туристичка понуда за Македонија на полскиот туроператор РЕГО-Бис. Настанот се одржа на Аеродромот во Катовице, каде на покана на туроператорот на свеченоста присуствуваше и се обрати вршителот на работи во Амбасадата Горица Атанасова Ѓоревска.

Церемонијата по повод заминувањето за Охрид на првиот чартер авион од Катовице беше отворена од страна на маркетинг менаџерот Моника Кржикавска, Директорот на одделот за инфраструктура Кжистоф Кот и сопственичката на туроператорот Рего-Бис Габриела Манка Соколу. На свеченото обраќање вршителот на работи во Амбасадата Горица А. Ѓоревска се осврна на значењето на соработката во делот на туризмот меѓу Република Македонија и Република Полска, која ја оцени како многу поволна и како воведничар на продлабочување на економската соработка воопшто, за големите можности кои што се отвораат со првите чартер туристички пакети, за поддршката на Владата на Република Македонија за промоцијата на туризмот како и за туристичките убавини кои што Република Македонија ги нуди за специфичниот вкус на полскиот турист како и поддршката на Амбасадата во целиот изминат период.

Туроператорот Рего-Бис во текот на летната сезона ќе испрати 14 чартер летови со Ербас 321 опериран од Смал планет, со по 220 патници кои ќе слетуваат и летуваат во Охрид. Покрај авиопревозот, во Охрид ќе летуваат и полски туристи кои ќе пристигнуваат со автобуски превоз на секој десет дена. Вкупната очекувана бројка на полски туристи кои што ќе го посетат Охрид и Македонија ова лето е околу 5000 туристи, а следната сезона планирано е таа да биде двојно поголема со евентуален чартер лет и туристички пакети од Варшава.

Охридскиот аеродром, во организација на Аеродромот ТАВ, каде во присуство на Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, Директорот на ТАВ Алпер Есрој, Амбасадорот на Република Полска Јацек Мулатановски и Директорот на Агенцијата Фибула, ленд партнер на полскиот туроператор, Асим Мехмедовиќ беше организиран свечен пречек на туристите.