Петко Шипинкаровски добитник на признанието „Аполон“ во Сремска Митровица

Струшкиот писател Петко Шипинкаровски е добитник на меѓународната награда „Аполон“, што ја доделува градот Сремска Митровица. Наградата, како што стои во образложението на жири-комисијата, се доделува како резултат на убавото пишување и афирмацијата на пишаната реч. Признанието ќе му биде врачено на 6 ноември во рамките Номвриските празнувања на општината во Сремска Митровица.

Добитници на „Аполон“, покрај Шипинкаровски се и писателите Елка Њаголова од Варна, Бугарија и Срѓан Малешевиќ од Шид, Србија и почесниот конзул на Република Србија во Ерменија, Бапкен Симоњан. Наградата се состои од Повелба, односно диплома и фигура со главата на Богот Аполон излеана во бронза, како прототип на оригиналот што е пронајден крај тврдината на античкиот град Сирмијум, денешна Сремска Митровица.

Наградата „Аполон“ на градот Сремска Митровица е востановена во 1989 година. Се доделува за остварувањето во книжевноста и литературата. Петко Шипинкаровски е член на Друштвото на писателите на Македонија, почесен член на Друштвото на писателите на Србија, надворешен член на Сојузот на независните пистеле на Бугарија и член на МНД од Битола. Добитник е на многубројни награди и признанија во земјава и странство.