Иран: Се отвори најголемата книжарница во светот

Љубители на книгите, ова е идеалната дестинација за вас. Најголемата книжарница во светот штотуку се отвори во Техеран, Иран. Книжарницата Book Garden е џиновска градба со покрив послан со зеленило и се протега на површина од околу 14.000 квадратни метри. Во неа се наоѓаат полици долги околу 20 километри со книги. Проектот е дел од поголем комплекс на површина од околу 65.000 квадратни метри составен од неколку кина, научни сали, училници, просторија за молитва и ресторан.

Book Garden има за цел да ги поттикне децата во Иран да бидат активни и креативни преку модерни методи и модерна опрема. Отворањето на книжарницата е многу битен културен настан во земјата затоа што со нејзина помош децата ќе имаат подобро културни и академски можности. Изградбата на Book Garden прв пат беше предложена во 2004 година. Откако конструкцијата заврши минатата година, организаторите ги поминаа изминатите месеци во снабдување со книги.

Во книжарницата има повеќе од 400.000 наслови само за деца. Еден од центрите во книжарницата дури има и пониско поставени полици за помалите деца да можат да ги дофатат книгите. Според Гинисовата книга на рекорди, Book Garden сега е најголемата книжарница во светот. Досега таа титула ја носеше книжарницата на Barnes & Noble на Петтата авенија во Њујорк.