Избирачкиот список денеска е ставен на јавен увид 

Во Избирачкиот список кој денеска е ставен на јавен увид за претстојниот рефрендум за името се запишани вкупно 1.805.700 граѓани, а Државната изборна комисија најдоцна до 7 септември ќе го заклучи Избирачкиот список во кој ќе бидат извршени сите промени што произлегле од увидот, при што се очекува бројката на гласачи да се промени, изјави портпаролката на ДИК Љупка Гугучевска. Таа објасни дека промена во Избирачкиот список граѓаните може да направат само со барања што ќе бидат поткрепени со соодветна документација. Јавниот увид завршува на 23 август на полноќ, а ќе се врши во подрачните канцеларии на ДИК и електронски на официјалната интернет страница на Комисијата.

Граѓаните при увидот треба да се идентификуваат со покажување важечка лична карта или пасош, додека пак ако проверката ја прават електронски апликацијата ќе биде постојано отворена за јавен увид, а пребарувањето може да се врши според единствен матичен број, адреса или име и презиме, рече Гугучевска. Исто така Гугуческа наведе дека државјаните на Република Македонија кои се на привремена работа или престој во странство, за гласање во странство може да се пријават директно во Де-ка-пеата и конзуларните канцеларии или електронски преку веб апликацијата dijaspora.sec.mk објавена на интернет страницата на ДИК.