Канадскиот премиер одби да се сретне со Трамп

Канадскиот премиер Џастин Трудо изјави дека понудил да отпатува во Вашингтон оваа недела за да ги заврши преговорите за Северноамериканскиот договор за слободна трговија, но дека во меѓувреме добил повик од заменик претседателот на САД, Мајк Пенс, кој му соопштил дека состанокот со Трамп е возможен единствено ако се согласи на временско ограничување на договорот. Трудо изјави дека одбил да отпатува поради “потполно неприфатливиот” предуслов. Тој исто така изрази жалење за одлуката на Трамп за воведување царина на увозот на челик и алуминиумски производи. Најави дека Канада ќе воведе царини во вредност до 12,8 милијарди долари на американските производи почнувајќи од челикот, па се до јогуртот и тоалетната хартија. “Мора да веруваме дека во некој момент кај нив ќе преовладува здравиот разум. Но не гледам знак за тоа во денешната постапка на администрацијата на САД”, заклучи Трудо.