Косап: Македонија да опстои на зацртаните реформи

 

Македонија да опстои на зацртаните реформи што би овозможиле добивање датум за почеток на преговори, е главната порака од денешната 13. Конференција на Парламентарните Комисии за европски прашања/интеграции на државите опфатени во процесот за стабилизација и асоцијација од ЈИЕ- Косап. Македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров во своето обраќање кажа дека за Македонија не е главна цел членството во ЕУ, туку процесот да се искорити за земјата да направи вистинска европска демократија каде ќе владее правото.

Лекцијата дома ја научивме, можеби можеме да работиме побрзо на реформите, меѓутоа очигледно работиме, но не само со законски интервенции, туку и со ова што амбасадорот Џес Бејли го нарекува промена на поведението, истакна Димитров набројувајќи дел реформите што се реализираат. Посочи дека граѓаните во Македонија се будни и не дозволуваат грешки и злоупотреби, некогаш дури и претерано. Во однос на реформите во судството, Димитров кажа дека некои работи се веќе направени. Да речеме го демонтиравме телото што според Прибе било користено за политичко-патиски притисоци – Комисијата за утврдување на фактите. Разговараме со опозицијата за законот за заштита на сведоци и друго, но за вистинска реформа нема да биде доволна ниту извршната, ниту законодавната власт, ќе треба и судската власт да си ја преземе одговорноста. Ќе треба да научат да не дигаат телефони, изјави македонскиот министер за надворешни работи. Многу брзо по постигнувањето на договорот со Бугарија, според Димитров, има очигледни политички и економски придобивки. Нашиот следен предизвик се односите со Грција и проблемот околу името.

Тука не може, а да не спомнам дека овој проблем правно гледано не би требало да биде пречка за нашите европски интеграции бидејќи Грција има правна обврска да не приговара на нашите интеграции користејќи го името како предтекст од Времената спогодба од 1995 година. Тоа се направи еднаш во Букурешт во 2008 година и Меѓународниот суд во Хаг потврди дека со тоа е прекршена Времената спогодба. Но, ние имаме политики проблем бидејќи сакаме да станеме сојузници во ЕУ и НАТО, а сојузници не можеме со Грција да станеме ако се клоцаме или се обвинуваме, рече шефот на дипломатијата. Смета дека ова е огромна шанса и за Грција, бидејќи оваа зрелост на Македонија, како што кажа, да го замени површниот национализам со визионерски патриотизам и да размислува каде ќе бидеме за 10 или 20 години од денеска е шанса што треба да се искористи.

Advertisement