Македонските возачки пред признавањe во Германија

Возачките дозволи од Македонија наскоро ќе бидат признаени и во Германија, откако македонските власти, конечно, си го завршиле својот дел од обврските за потпишување на договорот. Деновиве меѓу македонските иселеници во Германија актуелна е онлајн петицијата со која од германското министерство за сообраќај се бара признавање на возачките дозволи. Во македонското МВР неофицијално ни потврдија дека целата постапка со години била заглавена токму кај нив. Добрата вест е дека процедурата е конечно откочена и дека надлежните во македонското министерство за внатрешни работи, минатиот месец конечно го завршиле нивниот дел од обврските. Понатаму, од МВР ја проследиле информацијата до министерството за надворешни работи кое по дипломатски пат минатата недела ги информирало и германските власти дека обврските од македонска страна се завршени.

Истата информација ја добивме и од германски дипломатски кругови, каде беа изненадени поради реакциите од македонската дијаспора насочена кон германското министерство. Неофицијално, постапката во Македонија заглавила при усогласувањето и преводот на текстовите за договорот за признавање на возачките дозволи. Се работи за прилично вообичаена постапка, карактеристична за сите билатерални договори. Иницијативата за признавање на македонските возачки дозволи во Германија е започната уште во 2007 година. Зошто веќе неколку години се чекало на превод на неопходните документи во македонските институции, никој не сака да коментира, ниту да одговори. Во Германија, за оваа постапка одговорно е министерството за сообраќај, додека во Македонија тоа е МВР.

Неофицијално, освен договорот за признавање на возачките дозволи и десетици други билатерални договори со години се заглавени на македонска страна. Од осамостојувањето на земјата до денес, македонските државјани во Германија имаат право да управуваат со моторно возило од „Б“ категорија само во првите шест месеци од престојот, а потоа мораат одново да полагаат. Главна причина за тоа е оценката на германските власти дека квалитетот на обуката и испитот за возачи во Македонија не е на доволно високо ниво. Затоа од македонските власти се бараше да ги усогласат своите закони со директивите на ЕУ. Бројот на македонските иселеници во Германија секоја година расте за повеќе илјади луѓе и во меѓувреме достигна речиси 100 илјади.