Металург победи со Пелистер

 

Во второто коло од плејофот на македонското првенство, Металург гостуваше во Битола кај Пелистер. Ова гостување е традиционално тешко за Металург, кој редовно победува во Битола, но секогаш после голема и неизвесна борба.

Во преполната и реновирана сала “Младост“ видовме еден страшно мотивиран Пелистер, кој, воден од своите навивачи, одигра натпревар над своите реални можности и кој во најголем дел од средбата имаше контрола врз резултатот.

Почетокот на средбата му припадна на Пелистер, кој по само шест минути  веќе создаде предност од три гола, 4:1. Мораа да минат две третини од првото полувреме за да дојдеме до првото израмнување на резултатот, кога Обрадовиќ израмни на 10:10. Сепак, првото полувреме заврши со минимална предност на домашниот состав, 16:15.

Првиот гол во вториот дел го постигна Металург, за 16:16, но веднаш потоа следеше серија од 3:0 на Пелистер, со која домаќинот повторно дојде до својата највисока предност, 19:16. Тоа како да го мотивираше Металург, кој заигра поангажирано и полека ја стопи предноста на противникот, а во 44. минута дојде и до своето прво водство, 21:22.

Иако Пелистер не се предаде и во неколку наврати го израмни резултатот, стана очигледно дека Металург конечно заигра според своите вистински можности, па во последната минута влеговме со максимални пет гола предност, 26:31. Металург на денешната средба го предводеше Александар Јовиќ, бидејќи Лино Червар поради мали здравствени проблеми остана во Скопје.